„Неприфатливо е министерот за внатрешни работи да одбива да одговори на прашањата, да бара да биде оставен да работи. Тој не се занимава директно со ситуацијата на теренот, не е обврзан физички да трага по фактите, ниту е директно во командната структура на полицијата – не е ни обучен за тоа. Тој е лицето повикано да ѝ одговори на јавноста, да одговори на сите прашања, колку и да се наивни“ пишува Џабир Дерала во неговиот текст на „Цивил медиа“ во врска со синоќешната трагедија во Кочани.
Дерала додава дека трагедијата а е ужасен, црн, трагичен потсетник за сите родители, чии деца секојдневно се изложуваат на ризици поради отсуството на грижа за безбедноста и превенцијата.
„Милионски се профитите на газдите на клубовите и дискотеките. Кога би вложиле дел од својот мрсен профит во безбедност и превенција – трагедијата во Кочани немаше да се случи. Милионски се буџетите и на институциите чија задача е да се грижат за безбедноста на луѓето. Да инвестираа повеќе во безбедноста, а помалку во партиски вработувања и пи-ар, оваа трагедија немаше да се случи“ вели Дерала.
Тој прашува кој дозволил во објектот да влезат деца, кој ја издал лиценцата на тој објект, дали некој се занимавал со стандардите на овие објекти и дали тие стандарди се почитувале.
„Сигурно е дека треба да се соочат со правдата сите што непосредно се одговорни за оваа трагедија. Но мора да одговараат, законски и политички, сите што се повикани да ги спроведуваат стандардите и законите, да воспостават систем за превенција и безбедност за луѓето“ заклучува Дерала.