Градоначалникот Азем Садики, појасни дека станува збор за пат долг 6,42 км, кој се протега од селото Црвена Вода до мотел Китка, а проектот предвидува негова целосна реконструкција и обнова со неопходната инфраструктура.
„Многу сум среќен што Владата продолжува да ги помага општините, особено руралните. Овој пат е многу битен за нашата општина, затоа што не само што ќе придонесе за побрз, полесен и побезбеден транспорт за жителите во планинските села, туку ќе создаде услови за поттикнување и развој на туризмот и за инвестирање во скопската околина со оглед на близината и убавината на Китка“, истакна Садики.
Министерот Перински порача дека проектот е доказ за посветеноста на Владата да инвестира во подобрување на инфраструктурата во сите општини и региони.
„За оваа Влада не постојат заборавени општини, помагаме онаму каде што е најпотребно, а тоа се руралните средини со сите предизвици коишто ги имаат во дел на капиталните инвестиции. Радоста на мештаните којашто ја видовме денеска е доказ дека Владата трасира пат којшто се темели исклучиво на потребите на граѓаните и во таа насока ќе продолжиме за да го подигнеме квалитетот на живот на сите граѓани на цела територија на Македонија“, истакна Перински, кој како дел од теренските посети „Каде што срцето е дома“, претходно со неговиот заменик, Селими, одржаа работна средба со градоначалникот, членовите на општинскиот Совет и претставници на администрацијата на која разговараа за актуелните состојби во општината.
Поддршка на сите општини и во периодот што следи најави и премиерот Мицкоски, кој истакна дека Владата ќе продолжи да инвестира во проекти кои ќе значат поквалитетен, покомфорен и поубав живот, независно од политичката определба на градоначалниците.
„Немаме намера да заборавиме ниту едно место на целата територијата на Македонија, ќе инвестираме секаде. Тоа го правиме веќе девет месеци, покажуваме еден поинаков начин на функционирање на Влада. Ќе продолжиме така и во иднина, бидејќи граѓанинот, Македонецот, Албанецот, Турчинот, Србинот, Ромот, Бошњакот, Влавот и сите останати, се центарот на нашето внимание и сите ние заедно ќе работиме за нивно подобро утре“, порача премиерот Мицкоски.
„Евидентна е разликата од начинот на функционирање на оваа Влада“, оцени првиот вицепремиер и министер за животна средина, Меџити.
Министерот за транспорт, Николоски, информираше дека во моментов во село Студеничани привршува и реконструкција на локален пат долг 840 метри, а во тек е тендерска постапка за изградба на нов пат во Моране, проекти со кои дополнително се дава поддршка за подобрување на инфраструктурата во оваа општина.