Министерот за правда, Јетон Шасивари, учествуваше на меѓународниот панел „Европа: заеднички предизвици, заеднички решенија“, во рамките на Втората глобална министерска конференција за елиминирање на насилството врз децата, која се одржува во Манила, Филипини.
На панелот, министерот ги презентираше искуствата, предизвиците и приоритетите на нашата држава во спречувањето на насилството врз децата, посочувајќи три клучни предизвици: зголемувањето на насилството и злоупотребата преку дигиталните технологии, општествените ставови кои сè уште толерираат насилство врз децата и недоволната координација меѓу институциите.
Шасивари нагласи дека заштитата на децата не може да се обезбеди само со донесување закони. Потребни се посилна заштита во дигиталниот простор, специјализирани стручни кадри, правда приспособена на потребите на децата и ефикасна соработка меѓу образовните, здравствените, полициските, социјалните и правосудните институции.
Во своето обраќање, министерот го истакна значењето на Законот за правда за децата од 2024 година, како и заложбите за унапредување на Кривичниот законик, надминување на правните празнини во заштитата од дигитално насилство и воспоставување поефикасни механизми за заштита на малолетните жртви.
Посебен акцент беше ставен на потребата законските решенија да обезбедат конкретна заштита во практиката, односно секое дете да има можност да пријави насилство без страв и навремено да добие соодветна институционална поддршка.
Министерот посочи дека насилството врз децата претставува заеднички предизвик кој бара координирано дејствување, размена на искуства и конкретни решенија на национално и меѓународно ниво.
фото Министерство за правда


