Министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, денеска оствари средба со Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, амбасадорот Кристоф Камп, во рамки на неговата официјална посета на Скопје.
Министерот му се заблагодари на амбасадорот за поддршката што неговата канцеларија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја даваат во изработката на новата Стратегија за интеркултурализам и општествена кохезија, уверувајќи го дека овој процес продолжува да биде транспарентен и инклузивен.
Тој, исто така, истакна дека Северна Македонија ги признава етничките групи како заедници со уставен статус и еднакви права, но дека општествената кохезија треба да се негува во нова фаза на соработка, која ќе ги надмине рамките на управувањето со разликите и потенцијалните меѓуетнички тензии.
Министерот и амбасадорот Камп се согласија дека, иако државите имаат свои специфики, добрите меѓународни практики можат да помогнат во надминувањето на разликите меѓу различните заедници, како и во давањето позначајна улога на општините во спроведувањето на стратегијата и мерките за унапредување на меѓуетничката комуникација.
Министерот Ферати ги информираше претставниците на ОБСЕ за приоритетите на новата стратегија и предизвиците во нејзината имплементација. Тој истакна дека во фокусот на Министерството се, пред сè, образованието и работата со децата од училишна возраст, како и со младите воопшто, со цел создавање заеднички простори за интеракција и заеднички активности, од кои најголемиот дел не бараат значителни финансиски средства, туку, пред сè, добра волја и позитивен пристап.
фото МОЗ


