Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Американско разузнавање: Путин нема намера да се откаже од освојување на Украина

Рускиот претседател Владимир Путин не се откажува од својата цел да ја контролира Украина, и покрај напорите на САД да посредуваат за прекин на огнот, објави Вашингтон пост, повикувајќи се на извори запознаени со доверливите извештаи на американските разузнавачки служби.

Според еден американски функционер, Путин и понатаму има „долгогодишна желба да ја обнови ‘Мајката Русија’ и останува решен да воспостави контрола над Киев. Оваа проценка беше меѓу разузнавачките извештаи дистрибуирани до администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп на 6 март.

Некои официјални лица веруваат дека дури и ако Русија се согласи на привремен прекин на огнот, Москва би ја искористила паузата за повторно да се вооружи, да го прекрши договорот и да изврши провокации кои потоа ќе ги припише на Украина.

Пред три дена, за време на преговорите во Џеда, Украина се согласи на 30-дневен прекин на огнот, под услов Русија да го стори истото. Овој договор го поттикна Вашингтон да ја обнови воената и разузнавачката поддршка за Киев.

Путин вчера изјави дека Русија е подготвена да го прифати американскиот предлог за прекин на огнот, но само доколку Украина ја прекине мобилизацијата, воената обука и увозот на оружје.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли условите на Путин како „руска манипулација“ и повика на построги санкции против Москва.

Трамп, кој претходно предупреди на „погубни“ финансиски последици за Русија доколку војната се одолговлекува, вчера изјави дека изјавата на Путин е „многу ветувачка“, но „не е целосна“.

Европски разузнавач изјави за Вашингтон пост дека Москва го гледа Трамп како слаб, непринципиел и потенцијално подложен на манипулации, врз основа на неодамнешните разузнавачки информации.

Ако се постигне траен прекин на огнот, Русија најверојатно ќе се врати на „хибридните“ методи, пропагандата, економскиот притисок и сајбер нападите што ги користеше против Украина пред нејзината инвазија во 2022 година, додаде функционерот.

Американските власти и понатаму се внимателни во проценката на можните мировни услови што Путин би можел да ги прифати, но тие не гледаат индикации дека тој се откажал од своите напори да го врати Киев под руско влијание.

Западни безбедносни извори претходно за Блумберг изјавија дека Путин поставил „максималистички“ барања околу територијалните отстапки, мировните сили и украинската неутралност, свесен дека овие услови се неприфатливи за Киев и европските земји./Извор:Makfax