Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

МНР со реакција на бугарското министерство: Политиката на условувања создава непотребни тензии, кои не одговараат на европскиот дух на соработка

Со жалење констатираме дека нашиот сосед повторно се обидува одговорноста за неисполнувањето на нивните меѓународните обврски да ја префрли врз нашата држава, велат од МНР во врска со вчерашната реакција од страна на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.

„Истакнуваме дека почитувањето и спроведувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) не се билатерални прашања, туку задолжителна обврска на секоја земја членка на Советот на Европа. Република Северна Македонија останува целосно посветена на владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи како темелни вредности на европската интеграција и не може да прифати нивно негирање или релативизирање, вклучително и кога станува збор за правата на припадниците на македонското малцинство во Република Бугарија. Дополнително, сакаме да нагласиме дека Република Северна Македонија максимално е посветена на процесот на европската интеграција сметајќи дека тој процес не треба да биде злоупотребен со воведување дополнителни политички услови, кои не се дел од Копенхашките критериуми. Политиката на условувања и неосновани обвинувања е непринципиелна пречка на евроинтегративниот пат на нашата држава и не придонесува за градење добрососедски односи, туку, напротив, создава непотребни тензии, кои не одговараат на европскиот дух на соработка“.

Во оваа пригода силно се залагаме, како што велат од македонското МНР, за развивање на пријателските односи меѓу двете држави и за решавање на сите отворени прашања преку рамноправен дијалог, одговорно однесување, заемна почит и разбирање.

„Во наведената насока очекуваме еднакво конструктивен пристап и од страна на Република Бугарија, заснован на целосно почитување на целите и принципите на Повелбата на ОН и правилата на меѓународното право затоа што тоа е во интерес на нашите граѓани, во интерес на двете земји и во прилог на зацврстување на регионалниот мир, стабилноста, безбедноста и заедничката европска перспектива“.

Вчера, бугарското МНР излезе со реакција на изјавите на премиерот, од каде беше истакнато дека Мицкоски уште еднаш демонстрира недоволно разбирање на одлуките на Европскиот суд за човекови права. „На тој начин, сакајќи или не сакајќи, промовира манипулативни и лажни тези, кои би можеле да се сметаат за вистинско мешање во внатрешните работи на Република Бугарија“, стоеше во реакцијата./Извор:Makfax