Вистинската драма се одвивала во понеделникот вечерта во близина на црногорскиот приморски град Улцињ, каде што полицијата и војската го спасиле легендарниот хрватски скијач Ивица Костелиќ.
Костелиќ, како што потврдија за медиумите од владата на Црна Гора, возел кајак по што силен ветер и бранови високи над три метри ги превртеле и ги одвлекле од брегот.
Како што е потврдено за медиумите во Црна Гора, Костелиќ заедно со уште еден странски државјанин бил спасен во тешки услови откога патролните чамци за брза интервенција на црногорската морнарица добиле хеликоптерска поддршка од воздух.
Костелиќ и неговиот пријател биле извлечени од морето доцна во ноќта во близина на истекот на реката Бојана по петчасовна операција. Заедно со Костелиќ имало и еден француски државјанин.
„Костелиќ и Французинот беа пронајдени и спасени во немирното море од екипажот на еден од новите брзи патролни чамци на Воената морнарица на вооружените сили на Црна Гора. Двајцата се добро, но како мерка на претпазливост се предадени на тимот на брзата помош, што ги чекаше во пристаништето во Бар, каде што патролниот чамец пристигнал во 22.45 часот“, пишува „Вјести“.
Инаку, Костилиќ пред само десет дена скијаше на Проклетија./Извор:Makfax