Во рамките на напорите за зајакнување на регионалната соработка и забрзување на процесите на европска интеграција, вицепремиерот за добро владеење на Северна Македонија, Арбен Фетаи, денеска во Скопје се сретна со неговиот црногорски колега, Момо Копривица, вицепремиер за политичкиот систем, правосудството и борбата против корупцијата.
Разговорите беа фокусирани на реформите во рамките на поглавјата 23 и 24 од пристапните преговори со ЕУ, кои се однесуваат на владеењето на правото, основните права и внатрешните прашања.
Г. Фетаи го истакна своето залагање за овој процес и информираше дека неговиот кабинет подготвува методологија за следење на спроведувањето на антикорупциските мерки, која ќе помогне во оценувањето на напредокот во борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото.
Тој исто така најави дека се работи на организација на регионална конференција за борба против корупцијата, која ќе служи како платформа за размена на искуства и зајакнување на антикорупциските механизми согласно европските стандарди.
Црногорскиот вицепремиер, Момо Копривица, ја нагласи важноста на зајакнувањето на механизмите за борба против корупцијата, особено во прекуграничната соработка. Тој ја оцени Северна Македонија како клучен партнер на патот кон европска интеграција и како значаен сојузник во НАТО.
Двете страни се согласија да ја продолжат соработката и да ги интензивираат напорите во поддршка на реформите што го зајакнуваат владеењето на правото и го забрзуваат европскиот интегративен процес на регионот.