Доналд Трамп вчера ја доведе во прашање и посветеноста на САД кон НАТО и солидарноста на сојузничките земји во рамките на трансатлантскиот одбранбен сојуз, што предизвика реакција од Емануел Макрон, кој повика на „почит“. „Ако не платат, нема да ги бранам“, им рече тој на новинарите во Овалната соба.
Трамп често се прашуваше дали Соединетите Држави – убедливо најголемата војска во трансатлантската алијанса и крајниот гарант на европската безбедност од Втората светска војна – треба да ја продолжат својата централна улога во НАТО.
Републиканецот, кој го започна својот втор мандат во јануари, постојано критикуваше некои членки на НАТО дека не трошат доволно на нивните буџети за одбрана и дека премногу се потпираат на САД. „Тие треба да платат повеќе“, рече тој.
„Мојот најголем проблем со НАТО е тоа што ако САД имаат проблем и ја повикаме Франција или други земји што нема да ги именувам и речеме „имаме проблем“, дали мислите дека ќе дојдат да ни помогнат, како што треба? Не сум сигурен…“, рече Трамп.
„Ние сме лојални и верни сојузници“, одговори Емануел Макрон. „Отсекогаш сме биле таму еден за друг“, изјави Макрон за новинарите во Брисел по состанокот на лидерите на ЕУ, каде што тие се согласија да ја зајакнат одбраната на Европа. Францускиот претседател истакна дека Франција чувствува „почит и пријателство“ кон САД и нивните лидери и дека таа самата „има право да го бара истото“ од Американците./Извор:Makfax