Секогаш за Славјанка, секогаш за жените, затоа што женските права се човекови права, човековите права се женски права
Сите ние кои имаме несреќа да бидеме машки и кои имаме несреќа да бидеме почесто во машко отколку во женско друштво, многу добро знаеме каков е разговорот за жените. Притоа, кај нас политиката се одвива како ексклузивно машки простор, а жените се третираат како украс или „нужно зло“ кое може да го разубави, ама не може да го „ефектуира“ тоа за кое се работи. Гадна околност, неписмена и шовинистичка, а тоа ви е, и таква ви е оваа земја.
Таква ви е и оваа култура, а можам јас да ви напишам дека е така, можам да ги прифатам жените (како што отсекогаш и сум ги прифаќал), ама селскиот и нееманципиран патријарх од мажиња, татиња и дедиња, во конечноста си ја завршува работата и без мене. Така што, од ништо нема да се зачудам, впрочем, пред некоја ден присуствувавме на една врста на линч помеѓу министерката на финансии (убијте ме ако ми текнува на името, а башка ме мрзи да гуглам) и социјалдемократката Славјанка Петровска.
Имено, министерката за финансии ја омоловажи и дискредитира пратеничката Славјанка затоа што немала деца, не била мајка, па од каде таа би знаеле колку чини месечна кошничка кога нема свои деца?
Мислам, не сум слушнал ништо погадно и по опако, освен, да, гадните зборови кои ми се испратени на моја адреса, ама бидејќи сите тие опсцени ги прифаќам на драго срце (хејтерите треба да знаат дека не можат мене до толку да ме навредат колку што јас себе може да се навредам). Хејтерите не може да знаат за мене онолку колку што јас знам за себе, ама кога ќе бербатиш жена од позиција на моќ (и власт!), па дури и кога ти самата си жена, притоа користиш така одвратни аргументи, тоа, да ми простите, го надминува манирот на добар вкус и елементарна пристојност, па дури и ако сакате „парламентарност“.
И што беше проблемот да и’ се извини министерката за финансии на пратеничката Славјанка, и зошто тоа не го направи?
Знаете што, во оваа земја има опасно фрустрирани луѓе, дури и кога се власт, дури кога ги имаат и ги раководат сите пари на оваа земја, па погодете што? – нема бегање од своја кожа. А политиката е таква професија во која може да ги набљудуваш луѓето и ги видиш сите нивни мани, несигурности, стравови. Политика е прекрасна професија во која можеш да ги видиш сите тие промашени животи на љубовно и егзистенционално ниво. Или што би рекол еден дамнешен украинец: „се’ што е човечко не ми е туѓо“.
Жените во оваа земја се рамноправни со мажите? Па, жените во оваа земја не се рамноправни ниту како „фетус“, а камо ли како рамноправни човечки битија. Овде на жените, ако би сакал да ја продлабочам креативноста, не им дозволуваат ниту да се родат, а ако баш запнале да се родат, за тоа ќе бидат казнети до крајот на животот.
А што прави за оваа неправда македонската држава и македонското општество? Ништо, се разбира. Монструозна машина за репродукција на македонски синови, таа движечка траса која почнува со свадба, па продолжува со репродукција (која се одвива со „традиционалната“ максима „женското дете е грешка“ и’ треба да биде исправена со наредна репродукција или аборуст?), а завршува со тестамент на кој таткото го остава сиот имот на синот, може да продолжи со работа.
Се разбира, со музички фолклор: сват на сватот, кум на кумот, а деверот на своето место, што би значело – женското на аут-црта, или ако раѓа, дај Боже да раѓа само машки деца, ако ме разбирате што сакам да ви кажам.
Сега ќе ме извините, ама одам да провратам заради бестијалноста, примитивизмот, глупавоста и идотштината од луѓето со кои живеам и со кои сум опкружен.
Северна Македонија, според индексот на родова рамноправност, во регионот, заедно со Босна и Херцеговина, е на последно место. Ако некој, односно некоја, обесправен, односно обесправена од „пренаталната“ карта на смртта, во што точно се состои нејзината рамноправност?
Таа (не)рамноправност, па дури ако сакате тоа злосторство кое им се прави на жените во оваа земја од правен и идеолошки вакум, никој нема да одговара. За таквото злосторство никој нема да се извини. Всушност, на кому треба да се извини? На жените кои никогаш не се родени? Не постои никакво спомен-обележје за жените кои би постоеле ако нивните татковци одлучиле тие да не’ постојат, затоа не постои „исправен“ начин за нивното постоење.
Свретете се околу себе, погледајте ја оваа убавина. Сите тие на кец-ошишани, дебеловрати и незапослени синови кои возат прескапи автомобили купени од оставината на „таткојна“ и „дедојна“, сите оние синови кои живеат од оној џепарац што нивните татковци го искрале, сите тие „прекрасни“ мажјаци во кладилниците, нарко-клановите, криминалните групи, обвинителства, парламентите, универзитетите и академиите.
Оваа и ваква земја нема ништо добро да изроди: можноста за подобро не само што не е посакувана, ами би можеле да кажеме дека можноста за подобро е „абортирана“.
А тоа што беше наменето за социјалдемократката Славјанка е само еден симптом кој на жените во оваа земја им се случува, дури и на многу пониските нивоа во општествените хиерархии. И кога станувме во одбрана на пратеничката Славјанка, ние всушност стануваме против патријархатот и сите оние жени кои не се исклучиво само Славјанка, туку стануваме за сите оние жени кои нема кој да ги заштити, и стануваме за сите оние жени кои немаат свој глас во ова општество.
Попатно, стравот од јавно срамотење и јавно омаловажување (затоа што пратеничката Славјанка „не е мајка“) е еден од најголемите стравови кои човекото битие може да ги доживее.
Човечките битија имаат потреба да бидат дел од заедницата и да стекнат почит. Кога заедницата ќе почне да ги бербати и садистички да се изживува над нив, нивниот свет се руши и животот станува невозможен. Знам, бев тамо, го искусив садизмот на тие откачени десничари и садисти со години.
Од мене имаат само презир.
А прекрасната пратеничка Славјанка од мене има поддршка. И нека биде силна затоа што не е сама. Како што би застанал позади секоја жена која е сама, и не е позната и политички афирмирана како Славјанка. Затоа што рековме погоре: женските права се човекови права, човековите права се женски права.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.