Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

„Трајни културни вредности“ на Халкбанк прогласен за најдобар корпоративен настан во 2024

„Трајни културни вредности“, настан на Халкбанк, кој на впечатлив и автентичен начин ја негува македонската култура и традиција, е прогласен за најдобар корпоративен настан во 2024 година, во рамки на манифестацијата „Best Event Awards Macedonia – BEAM“. Станува збор за настан кој се одржа во рамки на поширока иницијатива на Халкбанк, а креативниот и организацискиот потпис е на маркетинг агенцијата Ефектива.

„Трајни културни вредности“ го претвори прекрасниот амбиент на Чифте Амам во храм на македонското културно наследство. Преку совршен микс од храна од речиси сите региони на државата, уметност и мелодиите на Дуке Бојаџиев, гостите имаа можност да отпатуваат назад во времето и со сите сетила да ја почувствуваат македонската традиција.

Гастрономското наследство, покрај на трпезата, беше пресликано и во изложба на графики од шест уметници, инспирирани од боите и вкусовите на најпрепознатливите македонски специјалитети. На настанот беше промовирано исклучително вредното дело „Патување низ гастрономското наследство“ – уметничка книга со ретки рецепти прикажани преку приказни и илустрации од пет македонски реномирани илустратори.

„Оваа награда е прекрасна потврда за целата иницијатива, ангажман и за ентузијазмот кој Халкбанк го вложи во проектот Трајни Културни Вредности, во чии рамки се реализираше и конкретниот настан минатата година.
Навистина сме горди на ова признание, а истовремено и благодарни на комисијата на БЕАМ која ги препозна овој настан, целата организација околу истиот, креативноста и неговата вредност.
И секако, неизмерно сме благодарни на нашите соработници од агенцијата Ефектива со кои го заживеавме и развиваме проектот Трајни Културни Вредности низ годините,“, вели Маја Наумовска Савеска, директор на маркетинг и корпоративни комуникации во Халкбанк.

„Трајни културни вредности“ е иницијатива на Халкбанк започната пред две години, чија главна цел е промоција и зачувување на културното наследство, а ваквите признанија се доказ дека тоа го прави на инспиративен и успешен начин.