Како дел од заложбите на Министерот задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, д-р Шабан Салиу, во соработка со UN Women Северна Македонија, организираше панел-дискусија насловена „Гласовите на жените Ромки: Од предизвици до успеси“. Настанот, кој се одржа во Клубот на пратеници, собра истакнати ромски лидерки, активистки и професионалки со цел да ги споделат нивните искуства и придонесот во постигнувањето родова еднаквост и поголема инклузија во општеството.
„Овој месец го одбележуваме 8 Март – Меѓународниот ден на жената, кој не е само ден за честитки и подароци, туку и потсетник на долгата историја на борбата за еднаквост, правда и достоинство. Неговите корени се во почетокот на 20-тиот век, кога жените ширум светот се бореа за подобри работни услови, право на глас и економска независност.
На овој настан нема да зборуваме за предизвиците – туку и за успесите. Жените Ромки се активни во сите сфери на општеството – во културата, бизнисот, политиката, граѓанскиот сектор. Нивната истрајност и придонес се непроценливи.
Денес можеме со гордост да кажеме дека жените Ромки се докторки, инженерки, претприемачки, активистки. Нивните успеси се резултат на голем труд, посветеност и жртва, бидејќи тие не само што се бореле со предизвиците во поширокото општество, туку често и во рамките на сопствената заедница.
Затоа сме овде – да ги поддржиме, но и да ги инспирираме младите девојки Ромки да сонуваат големи соништа и да ги остварат своите цели“, изјави д-р Шабан Салиу, министер задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030.
„Жените имаат клучна улога во градењето на отпорни општества каде за сите има ист и фер пристап. Со оваа панел-дискусија сакаме да ставиме акцент на значајната улога на жената од ромската заедница, и препознавање на нејзиниот непроценлив придонес. Ние продолжуваме да работиме партнерски за уривање на бариерите и стереотипите кои стојат на патот кон целосно учество на жените Ромки во сите процеси,“ истакна Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија.
Панелот фрли светло врз постојаните предизвици со кои се соочуваат жените Ромки, вклучително и предизвиците во образованието, вработувањето и политичкото учество, но воедно ги истакна и нивните успеси во надминување на системските нееднаквости. Дискусијата имаше за цел да обезбеди платформа за засилување на гласовите на жените Ромки, поттикнување дијалог и идентификување начини за унапредување на нивното социјално, економско и политичко учество.
Настанот е во согласност со националните заложби за спроведување на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 и глобалниот мандат на UN Women за унапредување на родовата еднаквост. Преку истакнување на успесите и лидерството на жените Ромки, панел-дискусијата послужи како инспирација за помладите генерации, охрабрувајќи ги активно да учествуваат во создавањето на поинклузивна иднина.