Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ЕУ: Американските санкции кон Канада и Мексико ја загрозуваат економската стабилност

Европската Унија изрази длабоко жалење поради одлуката на САД да воведат царини за увоз од Мексико и Канада велејќи дека тоа „ризикува да ја наруши светската трговија и да ја загрози економската стабилност на двете страни на Атлантикот“.

„ЕУ цврсто се противи на протекционистичките мерки, кои ја поткопуваат отворената и фер трговија. Ги повикуваме САД да го преиспитаат својот пристап и да работат кон кооперативно, засновано на правила решение, кое ќе биде од корист за сите страни“, рече Олоф Гил, портпарол за трговија на Европската комисија, во денешната изјава.

Доналд Трамп ја исполни својата закана дека ќе воведе високи царини на три од водечките трговски партнери на САД, при што тарифите за Канада и Мексико стапија во сила денеска. Ова предизвика брза реакција од Пекинг и Отава.

Поради зголемените стравувања од трговски војни, берзите во Азија и Европа паѓаат.

Овие царини ризикуваат да ја нарушат глобалната трговија, да им наштетат на клучните економски партнери и да создадат непотребна несигурност во време кога меѓународната соработка е потребна повеќе од кога било, изјави портпаролот на Европската комисија.

„Мексико и Канада не се само блиски сојузници на ЕУ, туку и витални економски партнери“, рече тој додавајќи дека овие царини се закана за „длабоко интегрираните синџири на снабдување и инвестициските текови“.

Европа е под закана и од американските санкции. Европската комисија предупреди дека ќе реагира цврсто и веднаш на новите мерки на американскиот претседател, кои би биле насочени против неа./Извор:Makfax