28. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Комисијата за европски прашања на 21. КОСАП состанок

Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски и членот на Комисијата, Митко Трајчулески, учествуваа на Дваесет и првиот состанок на Регионалната конференцијата на парламентарните комисии за европска интеграција/прашања на земјите учеснички во Процесот за стабилизација и асоцијација во Југоисточна Европа (КОСАП). Конференцијата се одржа денеска во Собранието на Република Албанија во Тирана.
На состанокот присуствуваа делегации од парламентарните комисии за европска интеграција/прашања на Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Србија и Црна Гора.

Во својство на специјални гости учествуваа и делегации од Големото национално собрание на Турција, Парламентите на Косово, Украина, Молдавија и на Грузија.
Конференцијата беше отворена од страна на претседателката на Парламентот на Република Албанија, Елиса Спиропали; министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани; шефот на Делегацијата на Европската Унија во Албанија, Силвио Гонзато и претседателката на Комисијата за европски прашања на Албанскиот парламент, Јорида Табаку.

Во нивните обраќања беше потенцирана важноста на парламентарната дипломатија во процесот на европска интеграција, како и потребата од засилена регионална соработка за забрзување на реформските процеси. Во нивните излагања тие се осврнаа на размената на искуства и најдобри практики меѓу парламентите од Регионот, со цел зајакнување на институционалните капацитети и подобрување на усогласеноста со европските стандарди.

На Регионалната конференција имаше два панела.

Првиот панел беше посветен на темата „Дваесет години по Сараево, нов пристап на КОСАП – Заедно посилни“, каде што воведничари беа Ањесика Помаска, претседателка на Комисијата за европски прашања на Сејмот на Република Полска, како и амбасадорот на Сојузна Република Германија во Албанија, Карл Бергнер.
Во нивните излагања, воглавно се осврнаа на развојот на европската перспектива на Западен Балкан во изминатите две децении и ги охрабрија парламентарците да продолжат со активна улога во забрзувањето на реформите. Во однос на регионалната соработка и процесот на европска интеграција, тие рекоа дека се препознаени како клучни области на развој за Западен Балкан. За да се постигнат овие цели, тие рекоа дека е неопходно да има продолжување на заедничките напори, со посебен фокус на стабилноста и напредокот на земјите во регионот.

Заменик-претседателот на КЕП, Игор Здравковски, истакна дека нашата држава, со своето дваесетгодишно активно учество во КОСАП Конференциите, покажува посветеност кон европските вредности и заедничката иднина на Регионот. Европската интеграција останува стратешка цел на земјата, а реформите кои се спроведуваат се суштински за напредокот во пристапниот процес, подвлече Здравковски.

На вториот панел, на тема „Од политичка дискусија до функционална соработка – соработката во Западен Балкан, управување и политики“, воведничари беа Моника Петрова, виш политички советник од Советот за регионална соработка (СРС) и Алберт Хани, генерален секретар на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО). Панелистите ја нагласија важноста на градење практични механизми за регионална соработка и потребата од подобрување на институционалната ефикасност во управувањето со јавните политики.

Членот на Комисијата на КЕП, Митко Трајчулески, во своето излагање рече дека регионот на Западен Балкан се соочува со постојани влијанија од неевропски актери кои имаат свои интереси во овој регион различни од оние на ЕУ. Затоа ЕУ не смее да биде пасивна, напротив, сега е моментот кога ЕУ треба да покаже лидерство и да донесе правилна геостратешка одлука, а тоа е сите земји од Западен Балкан да станат нејзини членки до 2030 година. Еден таков решителен чекор, ќе ја направи Европа посилна и обединета, а самата ЕУ ќе стане поголем и повлијателен актер на меѓународната сцена.

Македонската делегација за време на Регионалната конференција оствари голем број официјални средби, вклучувајќи дополнителни средби и со Марија Костовски од Комитетот за национални малцинства при Владата на Албанија; Ендрид Фетаху, претседател на Македонската алијанса за европска интеграција; како и со Делегацијата од Грузија.
Следниот состанок на КОСАП ќе се одржи во Босна и Херцеговина во втората половина од 2025 година.