Поголем број експерти на ОН денеска објавија дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги поткопува човековите права и основните слободи во земјата и странство.
„Загрижени сме поради обидот на новата американска администрација да ја ослаби домашната заштита на човековите права, да ги поткопа меѓународните човекови права и хуманитарните системи, да го уназади деценискиот напредок во родовата еднаквост и да ги поткопа меѓународните институции и граѓанското општество во светот“, велат експертите во заедничката изјава.
Експертите додаваат дека се вознемирени од растечките напади на САД врз меѓународната архитектура на човековите права, владеењето на правото, мултилатерализмот, принципите на суверена еднаквост и самоопределување и виталните меѓународни договори за мир и безбедност, климатските промени, глобалната правда и меѓународната соработка.
Експертите потсетија дека Повелбата на ОН забранува закана или употреба на сила против територијалниот интегритет на земјите членки.
Огласот го потпишаа 32 специјални известувачи, уште седум експерти и членови на шест работни групи, што е невообичаено голема бројка за вакви заеднички изјави на експерти на ОН.
Експертите за човекови права на ОН се независни, доброволни поединци назначени од Советот за човекови права на ОН да известуваат во нивната област на експертиза.
„Заканите да се врати Панамскиот Канал, да се окупира Газа со протерување на палестинското население, да се бара од Украина да ги изнуди своите минерали како цена за поддршка на отпорот против Русија или да ја преземе контролата врз Гренланд се јасно незаконски акти според меѓународното право“, велат експертите.
Тие додаваат дека ги вознемирува и проблематичната улога на главните бизнис-играчи во новата американска администрација, кои вршат несоодветно влијание, без никакви механизми за спречување на конфликт на интереси“, индиректно алудирајќи на милијардерот Илон Маск.
Експертите оценија дека ваквите потези им ја отвораат вратата на компаниите да ја преземат контролата врз американските власти./Извор:Makfax
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...