Соопштение на Левица:
Вчера во Собранието на Република Македонија се одржа значајна Надзорна расправа посветена на аерозагадувањето, со учество на граѓански организации, експерти и некои претставници на институциите, на иницијатива на Левица. Оваа расправа беше важен чекор кон барање на соодветни решенија за еден од најголемите еколошки проблеми во земјата.
Свои излагања имаа активисти од „Еко свест“, „Грин Пауер“ и „О2 Иницијатива“, како и правници кои укажаа на недостатокот од стратешки документи за справување со загадувањето. Присутните нагласија дека постои сериозен институционален јаз, односно дека обвинителството и судовите слабо постапуваат во случаи на еколошки криминал, а политичката одговорност за оваа состојба речиси и да не постои.
Еден од клучните проблеми што беа посочени е неконтролираниот увоз и користење на загадувачки горива, за што институциите немаат доволно капацитет за надзор. Во таа насока, беше нагласена итната потреба од донесување Закон за контрола на индустриските емисии и Протокол за контрола на горивата, како суштински алатки за подобрување на квалитетот на воздухот.
Иако беа поканети, клучните владини претставници, меѓу кои и премиерот и министерот за животна средина, не присуствуваа на расправата, што остава впечаток на игнорирање на проблемот. Со ова се потврди неспособноста, незаинтересираноста и сервилноста на владејачките елити пред крупниот капитал. Додека народот се гуши во загаден воздух, клучните носители на власт – премиерот Мицкоски, министерот Меџити и неговата заменичка Лашоска – не најдоа за потребно ни да се појават. Сепак, расправата заврши со конкретни препораки што ќе бидат преточени во заклучоци кои институциите би требале да ги спроведат.
Овој настан ја покажува силата на граѓанскиот притисок и експертската аргументација во процесот на креирање на подобри еколошки политики кога во законодавниот дом има слух од политичките чинители. Борбата за чист воздух продолжува, со надеж дека институциите конечно ќе преземат конкретни мерки за заштита на здравјето на граѓаните.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...