Еден од двајцата севернокорејски војници заробени во Украина изразил желба да замине во Јужна Кореја, што ќе биде прв познат случај на севернокорејски затвореник кој изразил намера да пребега во соседна земја, објавија јужнокорејските медиуми.
Севернокорејски војник, идентификуван само со неговото презиме Ри, во интервју за Чосун Илбо изјави дека не знаел дека ќе биде испратен да се бори против Украина, бидејќи му било кажано дека ќе биде испратен во Русија на обука како странски студент, објави денеска новинската агенција Јонхап.
Тој е еден од двајцата ранети севернокорејски војници кои беа заробени од украинските сили минатиот месец за време на борбите во областа Курск во Русија.
Ри (26), кој беше тешко ранет во вилицата и раката, рече дека служел како снајперист во Северна Кореја и верувал дека се борел против јужнокорејските војници во Украина.
Тој рече дека речиси сите негови соборци од една воена единица биле убиени во напад на украински беспилотни летала и артилериски напади и дека би се разнел доколку имал граната, бидејќи заробувањето во Северна Кореја се смета за предавство./Извор:Makfax