21. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Европските лидери поделени околу испраќањето мировници во Украина

Европските лидери повикаа на зголемување на трошоците за одбрана на вонредниот состанок во Париз вчера, но останаа поделени околу испраќањето мировници во Украина за поддршка на спроведувањето на можниот мировен договор.

Состанокот го свика францускиот претседател Емануел Макрон, откако американскиот претседател Доналд Трамп се согласи на билатерални мировни преговори со Русија за ставање крај на војната во Украина, без европските сојузници и Киев, кои треба да започнат во вторник во Саудиска Арабија.

Европските лидери се затекнати од потезите на администрацијата на Трамп за Украина, Русија и европската одбрана и мора да се соочат со реалноста на иднината со помала американска заштита. Тие сфатија дека ќе треба да направат повеќе за безбедноста на Украина.

Британскиот премиер Кир Стармер, кој пред средбата во Париз изјави дека е подготвен да испрати мировници во Украина, вчера вечер изјави дека е потребна американска безбедносна гаранција за европските земји да испратат свои војници во Украина. Тој исто така рече дека е премногу рано да се каже колку британски војници би можел да испрати.

Мировните сили би ги зголемиле шансите за директен конфликт со Русија, а исто така би биле товар за европските војски, чии резерви на оружје се исцрпени со вооружувањето на Украина и деценискиот релативен мир. Прашање е и како некои европски земји би платиле за тоа.

Застапувањето на Стармер за мировните сили предизвика поделби меѓу учесниците на состанокот во Париз.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека не може да има мировен договор со Русија без согласност на Украина. Тој исто така нагласи дека без мировен договор не може да се зборува за германска мировна мисија во Украина. Тој, исто така, рече дека европските буџетски правила не треба да го блокираат зголемувањето на трошоците за одбрана над два отсто од БДП.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони, исто така, се спротивстави на испраќање мировници во Украина, според извори од нејзиниот кабинет.

„Беше корисно да се разговара за различни хипотези денес. Онаа што предвидува испраќање европски војници во Украина ми се чини најсложена и можеби најмалку ефикасна, и во тој поглед ги изразив сомнежите на Италија“, рече таа, според извори.

Данската премиерка Мете Фредериксен рече дека е отворена за разговори за испраќање војници и дека Европа мора да ја зголеми поддршката за Украина и трошоците за сопствената одбрана.

„Русија сега, за жал, и се заканува на цела Европа“, рече таа./Извор:Makfax