Франција разговара со своите сојузници за можноста за одржување неформален состанок на европските лидери за Украина, а четворица европски дипломати изјавија дека средбата најверојатно ќе се одржи во понеделник.
Британскиот премиер Кир Стармер, претходно рече дека Европа мора да има поголема улога во НАТО и дека неговата земја ќе работи да ги задржи САД и Европа заедно и дека не треба да дозволат поделбите да ги одвлечат од „надворешните непријатели“, објави Би-би-си во саботата.
Коментарот на Стармер дојде откако претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина на Минхенската безбедносна конференција претходно во саботата изјави дека за Европа нема да има место на масата во мировните преговори за Украина.
Се очекува во наредните денови високи претставници од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да започнат мировни преговори со руски и украински преговарачи во Саудиска Арабија.
Според Би-Би-Си, се очекува Стармер да присуствува на состанокот во Париз.
„Европа мора да преземе поголема улога во НАТО додека работиме со САД за да ја обезбедиме иднината на Украина и да се спротивставиме на заканата од Русија“, рече Стармер, пренесе Би-би-си.
Би-Би-Си, исто така, ја цитираше изјавата на Стармер дека Британија „ќе работи да ги задржи САД и Европа заедно“. Стармер додаде дека двете земји не можат да дозволат какви било поделби во алијансата да го одвлечат вниманието од надворешните непријатели. Според Би-Би-Си, Стармер, кој сака Киев да биде во центарот на преговорите за прекин на огнот, ќе разговара за ставовите на европските лидери кога ќе го посети Трамп во Вашингтон.
Трамп во петокот рече дека Стармер планира да ги посети САД во наредните недели и дека ќе се сретне со него./Извор:Makfax