5. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Нова опасност демне на Санторини откога граѓаните избегаа, полицијата постави блокади: островот продолжува да се тресе

Сеизмичката бура, која го тресе Санторини во изминатите денови, продолжи и во текот на ноќта.

Два земјотреса со јачина од 4 и 4,3 степени според Рихтеровата скала во рок од пет минути ги погодија Санторини и Аморгос во раните утрински часови денес, среда.

Првиот земјотрес со јачина од 4 степени е регистриран во 4.16 часот по локално време со епицентар на 18 километри од Аркесинина на Аморгос, а вториот е регистриран во 4.21 часот во областа Санторини.

Според грчките медиуми, од шест часот утринава оваа област ја погодиле шест земјотреси над 3 степени според Рихтеровата скала.

Во исто време продолжува егзодусот на локалното население и на туристите од Санторини, а експертите предупредуваат на нова опасност.

Речиси 11.000 луѓе ги заклучија своите домови и го напуштија островот, што ги зголеми стравувањата од грабежи.

Полицијата е во состојба на готовност со интензивни патроли и блокади на патиштата во обид да спречи евентуални упади. Загриженоста на властите беше зголемена поради општата ситуација, а нивната објава на социјалните мрежи, на која се сугерираат можни кражби, привлече внимание.

Според извештаите, властите ги зголемиле полициските патроли во главниот град Фира, како и во најпознатите места на островот. Во исто време поставени се блокади на главните сообраќајници, а се проверуваат сомнителни возила и движења, особено во областите во кои куќите останаа затворени поради интензивна сеизмичка активност.

Постојаните жители, кои остануваат на островот, изразуваат загриженост повикувајќи ги властите да преземат уште построги мерки.

„Се плашиме дека некои ќе ја искористат ситуацијата и ќе почнат да упаѓаат во куќите. Веќе слушнавме за инциденти“, изјави бизнисмен од областа Акротири за „Прототема“./Извор:Makfax