4. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Трамп бара ретки метали од Украина во замена за помош; Шолц: Тоа е многу себично

Германскиот канцелар Олаф Шолц остро реагира на идејата на американскиот претседател Доналд Трамп да бара од Украина да ги снабдува Соединетите Американски Држави со ретки метали како услов за финансиска помош за земјата разурната од војна.

Шолц доцна синоќа го изрази своето несогласување со идејата по неформалниот состанок на министрите за одбрана на ЕУ во Брисел.

Германскиот канцелар смета дека украинските ресурси треба да останат во нападнатата земја за да се финансира нејзината реконструкција по војната. „Треба да ги искористиме ресурсите на земјата за сѐ што ќе биде потребно по војната“, изјави Шолц.

Тој додаде дека користењето на овие средства сега за потребите на поддршка на одбраната би било многу себично и фокусирано само на сопствените интереси. Шолц нагласува дека на Украина во иднина нема да ѝ треба само силна армија, туку и огромни финансиски средства за обнова на земјата.

„Ова се големи задачи, со оглед на огромното уништување што се случува во Украина. Затоа мислам дека би било подобро да се искористат украинските ресурси за подобра иднина“, заклучи Шолц.

Трамп претходно вчера во Овалната соба на Белата куќа рече дека сака „да склучи договор со Украина според кој тие со своите ретки метали и други работи ќе го обезбедат она што им го даваме“. Тој се пожали дека Европа не обезбедила исто ниво на помош за Украина како САД.

Тој нагласи дека украинската влада сигнализирала отвореност кон идејата за размена на своите резерви на литиум, титаниум и други ретки метали за континуирана американска помош. „Украина ја изрази својата подготвеност да соработува во снабдувањето со основни материјали. Многу сектори се потпираат на нив“, додаде тој./Извор:Makfax