Centar.mk
-МАКЕДОНИЈА

Стојаноски: Работиме на испорака на реформи и мерки, тоа го потврди и Фон дер Лајен

„Она коешто е важно е прво да се седне на маса, и ние да ги кажеме во сред Софија нашите аргументи, зошто сметаме дека ако сакаме сите да бидат дел од ЕУ, дека треба таму да се почитуваме со тоа што сме, а не да креираме политики внатре во ЕУ, од Брисел, коишто приличат на 19 век, рече Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашното издание на емисијата „Колегиум“ на Алфа Телевизија, а по повод претстојната билатерална средба која треба да одржи деновиве во Софија.

Според него: „Излишно потребно е ние таму да кажеме кои се нашите црвени линии затоа што и ги имаме сега, а понатаму многу рационално, дипломатски тој дијалог да го направиме еден трипартитен разговор, каде што ќе присуствува и некој од Брисел, бидејќи цело време јас лично имам чувство како на нашиот грб да се кршат сите копја“.

Пратеникот Стојаноски потсети дека при посетата на земјата, Фон дер Лајен освен идентитетските прашања, го изразила и задоволството од начинот на којшто се имплементираат реформите, особено Планот за раст, со што како што вели Стојаноски, државата покажала дека испорачува, и е подобра од земјите во регионот.

„Фод дер Лајен не ги споменуваше само идентитетските прашања, таму кажува и една работа која вреди да се напомене, дека е супер задоволна од начинот на којшто ние ги имплементираме реформите, особено за Планот за раст“, кажа Стојаноски и додаде:

„Нашата одлука беше ова прашање да го оставиме и да го решаваме со дијалог, додека сето она што ни е домашна задача, спроведувањето реформи, да покажеме дека оваа држава може да биде најдобра во регионот и сме многу подобри и од Косово и од Албанија и од сите земји во регионот, со што може да се види наравот на нашето владеење, сакаме да направиме реформи, сакаме да направиме мерки, сакаме да оставиме дела зад нас“.