Технолошкиот милијардер Илон Маск денеска изјави дека тој и претседателот Доналд Трамп се во процес на затворање на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), што претставува значителна ескалација на конфликтот против федералната бирократија и предизвик за уставните овластувања на Конгресот да го контролираат трошењето федерални пари.
Маск, кој ја предводи иницијативата за ефикасност на владата на Трамп, ја објави одлуката во аудионастап на својата социјална мрежа X. „Ја исклучуваме“, изјави Маск.
Според Маск, Трамп целосно ја поддржува оваа идеја, а двајцата разговарале за неа неколкупати. „Детаљно го разгледав тоа со него и тој се согласи дека треба да ја затвориме“, рече Маск додавајќи дека неколкупати се консултирал со Трамп за да биде сигурен во одлуката. Тој го нарече УСАИД и непоправлив.
Белата куќа веднаш не ја коментира објавата на Маск. Трамп, сепак, во неделата рече дека Маск врши добра работа и ја критикува УСАИД како институција предводена од радикални лудаци, но не потврди експлицитно дека планира да ја затвори агенцијата без придонес на Конгресот.
Демократите и некои републиканци веќе изразија загриженост за можното прекинување на УСАИД без правна основа, што може да резултира со правни предизвици и дополнителни тензии меѓу извршната власт и Конгресот, според светските медиуми./Извор:Makfax