Ден по бојкотот на маркети поради високите цени, премиерот Мицкоски изјави дека инспекторите се на терен во сите поголеми супермаркети, се прави детална анализа, при што според првичните сознанија она за што биле загрижени во однос на цените е всушност реалност.
„Излегоа на терен сите институции, повеќе информации би имал од понеделник, но можам да кажам дека се наоѓаме буквално во сите поголеми супермаркети и се прави детална анализа, повеќе информации ќе можам да споделам со јавноста од понеделник. Но, можам да кажам дека делот од она што бевме загрижени, односно нашите стравувања стануваат вистина и реалност, така што делуваме и ќе продолжиме да делуваме. Како Влада имаме обврска да го штитиме стандардот на граѓаните“, вели Мицкоски.
Тој рече дека ќе се води сметка и за пазарната економија, односно да не дојде до нарушување на нејзините принципи и додаде дека сите засегнати треба заедно да работат со цел од целата ситација да излезат како победници.
Вчерашниот бојкот ги остави речиси празни најголемиот дел од маркетите, а намалено беше и пазарењето во помалите продавници и на пазарите.
За износот на намалениот промет се очекуваат информации од УЈП.
Минималната синдикална кошничка што ја изработува ССМ покажа дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември.
Премиерот Мицкоски, на последните пратенички прашања во Собранието, најави дека в понеделник на седница на Економско-социјалниот совет ќе презентира, како што рече, „вистински цени“ од производи од потрошувачката кошница, бидејќи според него се манипулирало при пресметката од страна на поранешни функционери од СДСМ./Извор:Makfax