24. јануари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Портпаролката на Белата куќа: САД уапсија 538 илегални мигранти, стотици депортирани

Соединетите Американски Држави уапсија 538 илегални мигранти и депортираа стотици од нив за време на големата операција спроведена непосредно по почетокот на претседателскиот мандат на Доналд Трамп, соопшти портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит.

„Администрацијата на Трамп уапси 538 криминални илегални имигранти“, напиша таа синоќа во порака на мрежата „Икс“.

Додаде дека со армиски авиони биле превезени стотици мигранти. Таа рече дека „во тек е најголемата операција за масовна депортација во историјата“ и дека на овој начин „ветувањата се одржани“.

Трамп вети голема офанзива против илегалните мигранти за време на неговата изборна кампања и го почна својот втор мандат во понеделникот со потпишување серија извршни наредби наменети за запирање на приливот на мигранти во САД.

Тој прогласи национална вонредна состојба на јужната граница на САД со Мексико и најави распоредување на војската и вети дека ќе ги протера криминалните вонземјани.

На денот на инаугурацијата на Трамп, американскиот Сенат, во кој доминираат републиканците, усвои нацрт-закон со кој се бара од федералните органи за спроведување на законот да ги приведат нерегуларните мигранти и оние што се осомничени дека извршиле некаков прекршок или кривично дело.

Новиот американски претседател денеска ќе ја почне посетата на Северна Каролина на југоисток и на демократското упориште Калифорнија на запад, две сојузни држави погодени од природни катастрофи, во врска со кои републиканскиот претседател ги критикува претходните власти./Извор:Makfax