Исчезна Новата година, а богами, додека ги типкам овие зборови, ќе исчезне и Божиќ, како што ќе исчезне се’ уште неисчезнатата телевизиска хибернација исполнета со репризи од „народни“ веселби, зачинети од прејадување со руска салата, месо и пукање на петарди.
Се разбира (освен лажното егзалтирање зачинето со манијакално пукање со петарди!), нема ништо лошо во тоа што нацијата се одмара недела дена, во семејно и празнично опкружување, само едно прашање ми останува нејасно, барем додека се sверам преку прозор – што ќе правиме со новогодишните желби?
Едни на други по стотина пати си посакавме оваа година да ни биде поинаква, подобра, посигурна, да живееме без страв од болест (Ах, кога само ќе ми текне како ми стартуваше претходната, пу, пу, скраја било за било кого!), глад, војна, смрт. Нормално е, исто така, да посакуваме што побрзо да заборавиме се’ грозно кое го преживеавме и се обидеме да најдеме смисла и надеж.
Ако не постои заборавањето, теретот на сеќавањето може да стане неиздржливо, така што не може да им замериме на луѓето кога посакуваат да продолжат со своите животи и посакуваат да им биде се’ подобро.
Телевизијата (и интернетот), сепак, не е слика од нашите поединечни желби, освен ако не се викате Христијан Мицкоски, Александар Николоски и останатите пи-ар зависници, опседнати со својата слика пред народот и сенатот. Кога ги гледам (и слушам) овие луѓе во нивните „пред“ и „постновогодишни“ пи-ар „мајстории“, сфаќам дека тие се нашата колективна (не)способност на сите нам да ни биде подобро.
За жал, се’ што видовме на телевизија (и интернет) беа две главни пораки од највисоките места во хиерархијата на моќта и парите.
Првата, онаа пократка, вечно-празна и општа, ни ја испрати премирот, посветувајќи ја на сите нас, онака безначајно и лаконски, како што и самиот тој е општ и „безначаен“. Не спомна за децата кои во илјадници се убиени ширум светот од војните кои ги прават токму неговите „колеги“ (или тирани?) – политичарите. Овие зборови се горки, ама не’ опоменуваат – поготово би требало да ги опоменуваат политичарите кои имаат власт и купишта наши пари – што може да се случи на секој дел од планетата земја ако само за момент не внимаваат на своите одлуки кои потоа може да предизвикаат големи последици по целокупното граѓанство. Како што исто така стравични беа убиствата на мајките и сопругите кои ги извршиле нивните мажи и партнери, правдајќи ја својата пакост како чин на љубомора (преполна е македонската црна-хроника, информирајте се или подобро речено – читајте ја!).
За ова премиерот не зборува(ше) во неговите предновогодишни и постновогоднишни излагања. Не зборува за ништо од се’ ова на сите негови достапни телевизиски (и интернет) канали. Единствено што зборуваше како на сите нам ни е супер, како ќе ни биде уште подобро и само треба да продолжиме со постновогодишното славје. И се разбира, на крајот, Македонија ќе победела, така ни вели премиерот, или ќе била горда, нешто во тој стил.
Не е во ред да се расипува Новата година со огромната инфлација, скапите домашни кошнички, изгор цени во продавниците. Не е во ред да се зборува дека Скопје е најзагаден град во Македонија, не е во ред да се зборува дека ќе се најде решение за сообраќајот, не е во ред да се зборува за ништо важно; или што би рекол Петар Божовиќ во една филмска сцена: „Ништа секс, само прича“.
Во таков манир продолжи и Александар Николовски, вториот човек во владата на Мицкоски: зборуваше за летање, небаре е Ерика Џонг (како во кината „Страв од летање“): ќе сме летале од Охрид, ќе сме летале од Скопје, светот ќе слетувал во Охрид и Скопје, и се’ ќе било супер, далеку посупер од тие „клети“ и „злобни“ комуњари кои, нели, не изградија ниту еден метар пат, а владата на Мицкоски уште во првите шест месеци изградила автопат од „цели 25 километри“.
„Ма, браво“! „Генијално“! „Одлично“! „Супер фантастично“! – се слушаат гласови од народот и сенатот.
Само има еден малечок детаљ: тој проект не е на владата на Мицкоски, тој проект за кои мицковци се китат со туѓо перје е проект уште од времето на владата на Заев. За тие денес да го завршат, некој претходно требало да го обмисли, проектира и реализира. Ама, тоа е веќе виден менталитет на „вмровците“. Мајка ќе си плачат за пред камера и опседнатост од лична самопофалница и самопромоција.
Кога го фатија дека „само за малкуцка“ лажуцка, Мицкоски во манирот на пропаганда за трето оделенци: „не било важно од кого бил проектот, важно било дека сега граѓаните со здравје ќе го користат“, и нешто слично во тој дозлабога глупав стил & манир.
Друга сематничка замка, многу посериозна од сето погоре наведено, е тоа дека Северна Македонија „ќе оди на патот за Европа“, што, реално, претставува уште една лага. Нема Македонија да оди никаде; прво, од тука нема каде да се оди, и второ – ќе гледаме само клипчиња, глупав пи-ар, самопромоции на оние кои се под (читај, подолните ешалони на власта и парите) во сиот нивен раскош. Оти, нели, „нема што нам Европа да ни кажува што и како да правиме“. Така ли е? Така еее, извикува народот и сенатот. Тоа, за жал, е официјалната државна политика денес.
На овој начин, со ваква медиумско-новогодишна и божиќна слика е насликан или фрлен премиерот со сите негови луѓе. И сите тие еманираат иста слика за себе. Попатно – зачинета со неизбежната канонизирана „традиција“. Никој повеќе не’ зборува за парите на Виктор Орбан, никој повеќе не зборува за инфлацијата, за страшната скапотија, сите пеат иста песна и гледаат со розови очила, oсобено гледа со розови очила клиентелата која е наштекната на државна каса и државна интервенција.
Или можеби вака се гледа бериќетот на една држава – штом те гласаат на избори, и штом оформиш влада, готово, почнува медот, почнува убавината?
Се прашувам само дали воопшто ни е потребен целиот овој циркус? Можеби изминатата година можевме да ја испратиме со поголемо достоинство; можеше тоа испраќање да биде со помалку огномет и помали јавни славја, затоа што цела година од власта слушаме само притужби за сенешто, притоа, несметано од никој, сами си направија буџет за 2025. година од преку 6 милијарди евра.
После се’ кое се случи, мислам дека сите жртви во оваа земја и нивните семејства заслужија поголемо сочувство и пиетет – читајте ја македонската црна хроника, тука почива духот на времето на македонецот – а ние може да славиме додека ни се ќефне. Тоа можеби е и мал знак дека планираме да ги промениме работите на подобро, наместо да чекаме тоа „подобро“ да ни дојде само од себе.
Не велам, на крајот на овој текст, дека овие празници треба да ни бидат денови на жалост, не, туку денови на сеќавање и сочувство, наместо пукање, било да се работи за политичко, било за пиротехничко, можевме да бидеме малку почувствителни за другите кои реално пострадаа во изминатата 2024. година.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.