Најмалку 50 лица загинаа во израелски воздушен напад врз зграда во северниот дел на Појасот Газа, соопштија доцна синоќа здравствените власти под контрола на Хамас.
Истиот извор објави дека меѓу жртвите има пет вработени од блиската клиника во Беит Лахиа: педијатар, лаборант, техничар и двајца болничари. Веста ја потврди и директорот на болницата Камал Адван, Хусам Абу Сафија.
Информацијата не е независно проверена, а израелската војска не била подготвена да ги коментира наводите.
Во меѓувреме, Израелците објавија дека еден од нивните војници загинал за време на судирите во северниот дел на Појасот Газа. Претходно, палестинските медиуми објавија дека најмалку девет Палестинци загинале, а неколку други се ранети во израелски напад во северниот дел на Појасот Газа.
Во извештајот на новинската агенција ВАФА се вели дека куќите во градот Газа биле погодени синоќа во воздушен напад. Цивилната заштита под контрола на Хамас соопшти дека најмалку 13 лица загинале, а околу 40 се повредени. Израелската војска соопшти дека ќе го истражи извештајот./Извор:Makfax