28. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Игранки на сретсело со опинци во рикверц

Игранки на сретсело со опинци во рикверц

Ете, драги мои, со нашите политички гении стигнуваме малку-по-малку и до Новата 2025. година. Оние де, кои поради ниедна причина не смееја да се занимаваат со политика – оти ќе скршат нешто или некого – ја туркаат власта со полна пареа. Или што би се рекло: нивно е „царството небесно“.

Новинарите, пак, не би биле тоа што се – глобални шампиони на баналноста – ако не се присетија да ги полнат своите портали и таблоиди со своите јајце-на-јајце досадни содржини од кои пристоен човек не може да пофати кој што прави, кој што работи и кој што зборува.

Мицкоски е жива класика како од најдобрите времиња на Груевски: час фрла лопати, час се заканува, час се „бори против криминалот и ‘високата’ корупција“, а час оди до Брисел за да им каже дека ние сме биле за Европа, ама под „наши услови“. Оти во спротивно ќе им се налутиме и ќе им ги затвориме вратите и после тие нека му ја мислат. Море само тврдо, мајсторе! Ова држава е или руска губернија?!

Добро, си велам на себе простодушно и наивно, неговите игранки на сретсело нам ни се познати. Попатно, прометувам една девојка, жена, мајка и кралица испилена од неговите редови – извесна доц. д-р. Викторија Трајков, со функционерско „звање & имање“: „заменик министерка за Европски прашања и заменик главен преговарач со ЕУ“ (две академски титули зачинети со две функции, а само еден човек?), а извесната В.Т. ни вели: „Јас иако доаѓам од Битола (добар град е Битола, што е проблемот што се доаѓа од Битола?), како кариерна дипломатка сум ја прошетала цела Европа и сум живеела во Америка“, за потоа да ни мавне крешендо, „ако си ја средиме државата Република Северна Македонија, не ни треба никаква ЕУ која не не’ почитува“. 

На овој цитат ниту на сатиричниот Гручо Маркс не би му текнало. 

Значи за човек да биде се’ ова, требало да се шета низ Европа и да се живеело во Америка?; па сега си велам на себе: добро, Ненаде, од дома си излезен на 16-години и уште дома не си вратен, а на задникот ти се 46 години. Што е проблем ти да конкурираш за директор на, да речеме, некое државно Комунално претпријатие? Толку македонски градови и луѓе запозна, што, кога подобро ќе размислиш, најсоодветна функција за тебе би била инвалидска пензија доживотно со бенефициран стаж (има ли таква категорија на пензија?), а овие дупли и (тро)дупли функции на еден човек препушти им ги на други (смех!).

Вчера, пак, Максим Димитриевски, во негов стил, ги собира своите „паунови гуланфери“ во некоја сала (препоставувам Куманово (?), не се оддадов на „истражувачко новинарство“ за местото на настанот) за трибинашење – потпомогнат со логистика на Мицкоски лично – чисто колку да изгледа политички „голем“ и „о’рен“, па ни објаснуваше дека неговата „политика“ била синхронизирана со политиката на владата. 

Која политика (?), за каква синхронизација зборува човекот? Политика ли е тоа така што пребројувајќи крвни зрнца повторно го штити македонскиот идентитет? Од кого го штити? Од „шиптарите“, од бугарашите, од Европа или од самиот себе?

За нормални луѓе, овде не може да стане збор за политика, туку за обичен шут, а за нив, очигледно, шутот ни п’цишта со маст не го јадат, освен ако Максим не мисли дека шутот е дело на македонската, православната и христијанска душа и, да речеме, не само што ние него не го даваме, туку никој идентитетот не можел да ни го земе, дури не можел да ни го земе ниеден душман и кога таквиот би имал булдожер. Смехотресно!

Ова е, имено, карактеристичен дел на објаснувањето. Јасно ви е дека, кога веќе не знае поинаку, подобро ќе беше да замолкне – барем срамот и бруката ќе беше помала. А авторот на овој текст по малку се чувствува и самиот глупаво што мора некако да ја „прокоментира“ целата работа. 

Постојат зборови и постапки кои се базично и фундаментално „неподложни на сериозен коментар“, кои едноставно морално и цивилизациски не отишле до она најелементарно ниво од кајшто почнува возможниот „диспут“ (читај, спор/полемика!), возможна расправа, согласување или несогласување.

Ваквиот блажено-несвесен „максимов дискурс“, селектирање на етничко-владини синхронизации, пресоблечени во идентитетски крвни зрнца, пропратени со надриметафизички просеравања за конфесионалната и спиритуалната услогласеност, адекватна за обработка на камења, длабоко е под долниот праг на релевантна „критика“. 

Доволно е само да се рече „фуј“ (!) или „мрш, бре“ (!), и да се оди натаму, трудејќи се во меѓувреме да направиш се’ што е во твојата моќ да такви будалштини ги оттргнеш од местото на кое може било кој, и со било што, да се влијае на животите на другите луѓе.

Не вреди на вакви да им се објаснува каде фундаментално се „заебани“ или недај Боже да ги учиш дека крвните зрнца немаат никаква врска со етничката припадност, туку со национализмот кој секогаш наместо да „синхронизира“, дополнително ја исклучува и ја растура земјата; ја фрла во негативна селекција, па уште и тој, а богами и таквите како него, за глупостите кои ги изговараат ги плаќаме од наши пари. 

Во фамозната Европа, која овој режим „ко бајаги“ тежнее, ваквите примери строго се чуваат во политичка изолација, и сосема е незамисливо да било каде во име на Државата ваквите зборуваат за било што, а посебно ваквите како Максим да одлучуваат за било кого. А камо ли да бидат градоначалници, министри или некакви фамозни доктори на науки и „заменици за европски преговори“. Тјах!

Ама од друга страна, не треба да губиме од вид ниту дека и на презирот му станува премногу лесно. Елегантно решение би било: било која организирана нискост и просташтво на таква пасивност (и глупавост!) паразитира, што е неверојатна и тажна пракса за сета Балканска историја. 

Проблемот со несреќниот градоначалник Максим од фамозната партија ЗНАМ, како што е проблем со несреќната земја Македонија денес, е во тоа што скандалите како овие, па и оние пред неколку денови (со Црните фамозни листи!), јасно го оцртуваат идеолошкиот светонадзорен профил на денешната власт (заедно со денешното судство и обвинителство!), па оттука не гледаат никаков проблем во изјавите на Максим-а, а уште помалку се згрозуваат. 

Напросто не се грозат затоа што се исти, а знаеме, барем на тоа не’ учеа Старите Латини: истото на исто се радува.

Затоа најдобро за ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ е да си ја прифатат алтернативата на нивната политика, надоградена и проширена во „културкамф“ (kulturkampf); единствено што им недостига е некој поп, па приказната за државната интервенција & синхронизација за се’ живо и „мртво“ да биде комплетна.

Aма можеби следниот пат ќе им текне, само прво да ги очистат (етничките?) крвни зрнца на другите. 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.