13. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Каде ти е Заев, бе? Ене го, ‘фрау’ Ангела Меркел го испишува во своите мемоари!

Koга Ангела Меркел стана за прв пат канцеларка на Германија, во Белата куќа беше Џорџ Буш. Тони Блер беше британски премиер, а во Елисејската палата столуваше Жак Ширак. 

Ангела Меркел беше симбол на пристојност и континуитет; водеше конзервативна партија со име ЦДУ – христијанско-демократска унија, партија која оперираше во политичкото поле „центар (благо) десно“. 

Претставата за Ангела Меркел како вредносна фигура се издигнува високо над партиските интереси на дневната политика, па оттука станува популарна во Германија и низ целиот свет. Во првиот мандат на Трамп, замислете го овој детаљ само за момент – германската канцеларка е прогласена за последниот бедем на либерално-меѓународниот поредок; Борис Џонсон ја дефинира како „титан“ на светската димпломатија, дури и Алексис Ципрас кој беше приморан да ги прифати тешките „години на штедење“, воодушевен е од нејзината искреност и чесност. 

Денес, кога Ангела Меркел е во пензија, сите важни аналитичари се обидуваат да проникнат која беше нејзината политика, поточно, каков беше нејзиниот стил на управување: секогаш внимателна, ориентирана на консензус, прагматична – оваа низа од политички карактеристики помалку или повеќе денес стануваат клише. Или дали нејзиниот стил на управување има врска со протестантизмот (во партијата на која силно влијаел „рајнскиот“ католицизам на нејзиниот коосновач Конард Аденауер, Ангела Меркел имаше улога на прагматична аутсајдерка?)?

Ова беа некои кратки и „општи“ смерници за најмоќната жена која до пред некоја години буквално го „дрмаше“ целиот свет. 

Ајде сега да се вратиме на нашите (не)прилики. 

„Кај ти е Заев, бе?“, беше првата реченица на Петар Богојевски, еден задрогаз десничар со некаква бизарна платформа наречена „Македонски концепт“. 

Кога случајно се сретнавме со Петар Б. (тој беше во еден друг ред, па кога ме здогледа, пред сите луѓе и на цел глас извикуваше: „Абеее тиии висооок си бииил…“, за веднаш да продолжи: „Кај ти е Заев, бе?! Кај ти е Заев, бе?! Кај ти е Заев, бе?!“) во Скопје на 8-ми септември, Денот на Македонската независност, и кога за прв пат во мојот живот бев поканет од кабинетот на премиерот Заев да присуствувам на овој празник, меѓу сите тие важни и државни луѓе, со силни функции, ете, се најде и мојата аутсајдерска маленкост. Ги гледав од блиску сите државни конвенции, бев во првите редови, седнат во делот за цивилни & граѓански организации.

Навистина: „Каде ми е Заев, бе?“

Дали се чувствував горделиво и бев полн со себе? Не, само некако знаев дека учествувам во нешто поголемо од себе, поголемо од сите нас. Се чувствував збунето. Што јас тука правам, кои се овие луѓе, па јас не сум од оваа лига, јас не сум од оваа класа на луѓе. И денес се чувствувам исто. Не сум никаква елита, не сум јас ништо во основа, и понатаму сум еден обичен аутсајдер што се обидува нешто да пишува и’ бара смисла во сето тоа. 

После некое време, повторно со Петар Б. се сретнавме на некоја дебата, а овој на второ видување повторно со истата прашална реченица: „Кај ти е Заев, бе“? Секогаш кога ќе се видевме на дебата, првата реченица му беше таа. 

Е, тоа ми беше навистина мило, а во Петаровата злорадост имаше бес, омраза и глупавост; свесен бев дека Заев навлече голем револт од таа националистичка багра затоа што го реши тридеценискиот спор со Грција, и второ, сите десни, леви и централни струи, прикриено, позади кулиси, знаев дека потајно му се воодушевуваат признавајќи му ја таа лудачка храброст и решителност. 

Ете, за таа негова идеалистичка храброст, срце како планина, Заев добива и’ признание од најмоќната жена на светот, „фрау“ Ангела Меркел ги опишува во своите мемоари со следниве зборови: „Зоран Заев беше храбар и решителен“. 

Во мемоарите, Ангела Меркел, во кратко поглавје ги набројувала сите проблеми на овие Балкански простори, од името на Македонија (решено!), преку тензиите во Босна, до прашањето за Косово, и не’ потсетувала на се’ што се случувало во Србија 1999 година. Книгата ја немам, овие информации ми се од моите извори кои книгата во моментот ја читаат. 

Знаете што, нема да скривам: навистина ми е криво што на Заев не му дадовме поголема шанса и повеќе време за „домашна политика“. Пребрзо го набркавме, гледајќи од денешна дистанца. Ја афирмирав неговата политика, ги потпрев своите рамена само за да помогнам, да го неутрализирам или „припитомам“ тој бес и таа фрустрација (свесно!) така како што знаев и умеев, а никогаш не успев да се дружам со него онака како што сакав. 

Не би имал проблем тој со мене, можеби јас би имал повеќе проблем со него поради неговата историска аура. Оти, знаете, тој е Заев, спомнат и забележан во мемоарите на Ангела Меркел, ама неговата големина ја препознавав уште додека беше опозиционер а потоа и премиер, само немав зборови до крај да го проникнам неговиот политички карактер, немав дистанца и немав директно политичко искуство со „врвовите на политиката“; книгата-мемоари на Ангела Меркел која, додека ги типкам овие зборови, тиражот ја надминува бројката од над 50 милиони примероци. А тоа, ќе ми простите, не е мала работа, и уште тоа значи дека во политика вие сте ја „претерале игрицата“ до крајни граници. 

И денес на Заев, сите, ама буквално сите, може само писма да му пишуваат или да му плукнат под прозор, ако веќе немаат волја да научат нешто од него. 

Човекот дојде од „никаде“, влезе во политика како аутсајдер – надвор од центарот на главниот град – и влезе во легендите; а кога најмоќната жена на светот ќе те спомене во своите мемоари – и кога таа автобиографија ќе ја прочитаат сите светски државници на планетата земја, и кога таа автобиографија ќе ја прочитаат неколку десетици милиони луѓе, ако не и стотици, тогаш, братко мил, за тебе може да се каже дека навистина си ја претерал игрицата до крајни можни граници.

Ама зошто толкав бес кон Заев, и зошто прифатив да учествувам во дебати со таа сурија од неинформирани и „стерилни“ десничари?

Историографијата е преполна со „идентитетски конфликти“ кои го кочат напредокот и развојот на земјава, до таа мера што се’ уште остануваме „банана држава без банани“ со впечатливи и структурални проблеми. А најголемиот структурален проблем е национализмот, тоа, пак, ми се чини, Заев го разбра меѓу првите. 

Разбра и дека не може да бидеме еднакви ако сите сме сиромашни, па се обудуваше во првите да покачува минимална и просечна плата – никогаш и никој тоа во оваа земја не го правел; го реши статусот на 12.000 илјади стечајни работници доживотно… И цело проклето време се обидуваше да го смирува и сензибилизира „Националистичкиот дух“ кој најдобро успева во заглупавени и затуцани општества и селендри, или успева таман тамо кајшто има писмени луѓе форматирани на „една книга“. 

Заев го рушеше духот-злодух; затоа што таквиот дух, не заборавајте, се создава кога ја сакаш оваа земја и овие луѓе, а ги сакаше затоа што цело време ги проветруваше, ги растеруваше малите барички полни со смешни и паланечки крокодилчиња и останати смешни „прециози“, не многу променети во последните 30 години независност. 

Не се грижам денес за Заев, тој и таков ведар дух ќе биде добар секаде; се плашам дека ништо не научивме, а како сме тргнати, се плашам дека ништо нема ниту да научиме, типично за сите луѓе форматирани на „една книга“. 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.