13. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Британија: Русите губат огромен број војници, им недостигаат лекари за војната

Високиот број руски жртви врши притисок врз воено-медицинскиот сектор во земјата и веројатно предизвикува недостиг на медицински персонал, соопшти во средата британската влада.

Според украинската војска, Русија претрпе повеќе од 735.000 жртви од февруари 2022 година, кога започна целосната инвазија.

Волстрит журнал во средината на септември објави дека вкупниот број на жртви од украинските и руските сили достигнал приближно еден милион. Околу 500.000 руски војници, според украинските податоци, се ранети, соопшти британската влада.

„Речиси е сигурно дека оваа скала на жртви продолжува да го оптоварува рускиот воено медицински систем на сите нивоа на медицинска нега, предизвикувајќи значителни логистички проблеми и резултирајќи со недостиг на медицински персонал“, објави британското Министерство за одбрана на X.

Според „Newsweek“, Русија може да регрутира околу 30.000 нови регрути секој месец, но тоа не е доволно за да се компензира бројот на жртвите.

На почетокот на овој месец Украина објави дека Русија претрпела 1.770 жртви за еден ден, што е најголем број загинати и ранети за еден ден во повеќе од две и пол години војна. Октомври беше месец со најголем број руски жртви во војната, изјави за Би-Би-Си на 10 ноември шефот на британските вооружени сили, адмирал сер Тони Радакин.

Според Радакин, Русија во просек имала околу 1.500 жртви дневно во текот на октомври.

Русија не објавува редовни ажурирања за наводните украински жртви, но во средата соопшти дека Украина претрпела приближно 1.535 жртви во изминатите 24 часа низ Украина и 250 во руската област Курск, каде Украина изврши ненадеен напад на почетокот на август.

Постојаното таргетирање на руските војници од страна на Украина со беспилотни летала, заедно со недостигот на оклопни возила, значи дека Москва има проблеми со брзата евакуација на ранетите војници, објави вчера британското Министерство за одбрана.

„Ова речиси сигурно ја зголемува веројатноста за посериозни повреди и повисока стапка на смртност за оние кои можеби ќе треба да се евакуираат“, објавија тие./Извор:Makfax