14. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тутунарите новата година ќе ја дочекаат со намалени цени за откуп и намалени субвенции

Во ек на подготовки за откуп на тутунот, тутунарите се загрижени и револтирани.

Причина за тоа се најавите дека годинава тутунот ќе се откупува по далеку пониски цени отколку минатата година.

Согласно официјалните податоци, килограм тутун од прва класа годинава ќе се откупува за 375 денари, втората класа за 300, третата за 240, а дополнителната класа за 115 денари по килограм.

Но падот на цените на откупот не единственото нешто што ги загрижува околу 20.000 семејства производители на тутун.

Наместо линеарна субвенција од 100 денари за килограм тутун како што беше лани, годинава субвенционирањето ќе се наплатува по класи, односно 80 денари за прва, 70 денари за втора и 60 денари за трета класа, пристап што сегашната владејачка партија го критикуваше кога беше опозиција.

Сето ова создава револт кај тутунопроизводителите бидејќи значи дека тие ќе добијат помалку пари за својот труд, во период кога секој денар е важен за нивното опстанување.

До оваа година тутунопроизводителите добиваа високи откупни цени и стабилни субвенции. Примерот со првата класа, која минатата година достигна над 460 денари по килограм, покажува како правилната субвенциска политика и елиминацијата на одбитоците влијаеше позитивно врз приходите на земјоделците.

Според достапните податоци, од 2014 до 2023 година, цената на тутунот се зголемила за 212%.

Покрај ова тутунарите добиваа и основна субвенција од 6000 денари по хектар, како и „зелена“ нафта што помогна оваа земјоделска гранка да опстане и да носи годишен девизен прилив од над 120 милиони евра.

Годинава, наместо со радост, тутунарите со неизвесност го чекаат откупот и новата 2025 година.