13. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Средба Ангеловска-Бежоска ‒ Рокас: Независноста на Народната банка е значајна за кредибилитетот на политиките коишто ги води

Независноста на Народната банка е клучна за задржувањето на високиот кредибилитет којшто го ужива во јавноста, како и за спроведувањето на политиките за одржување на ценовната и финансиската стабилност. Народната банка постојано се стреми кон сè повисоко ниво на транспарентност во сите сегменти од своето работење, со цел да ја задржи високата доверба. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Михалис Рокас, амбасадорот на Европската Унија во земјава, при што беше нагласено дека монетарната политика е високо усогласена со европската регулатива, што е наведено и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека централната банка и натаму води претпазлива монетарна политика со цел да се осигури ценовната стабилност. Народната банка дополнително ќе ја зајакнува и отпорноста на банкарскиот систем преку мерки и регулаторни барања и ќе ги унапредува сопствените институционални капацитети за подобро справување со светските трендови и предизвици.

Амбасадорот искажа поддршка за напорите на Народната банка за поднесувањето барање за членство на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Имајќи го предвид високиот степен на усогласеност на правната рамка, се очекува позитивна оцена со што нашата земја ќе може наскоро да пристапи во СЕПА.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска и евроамбасадорот Рокас разговараа и за повеќе актуелни прашања коишто се дел од дијалогот на ЕУ со земјите од Западен Балкан, којшто се води врз основа на поднесената Програма за економски реформи 2024 ‒ 2026 година од страна на земјите кандидатки.