На денешната меѓувладина конференција меѓу Македонија и Косово, одржана во Приштина, по повод 15 години од воспоставување на дипломатските односи, беше забележан преседан – официјалните позадини, банери и информативни материјали беа презентирани само на албански јазик, без превод или употреба на македонскиот јазик кој според закон е единствен официјален јазик на државата за надворешна употреба, пишува Рацин.мк
„Косово и Северна Македонија немаат несогласувања. Имаме отворена комуникација и обемна соработка. Ние сме соседи, пријатели и партнери, поврзани не само преку трговијата што постојано расте, туку и преку нашите силни семејни и бизнис врски,“ изјави косовскиот премиер Албин Курти на заедничката средба со својот македонски колега Христијан Мицкоски, пренесуваат косовските медиуми.
Мицкоски, исто така, го изрази своето задоволство од топлиот пречек во Приштина. „Почитуван Албин, ви благодарам за гостопримството и позитивната атмосфера. Се надевам дека оваа енергија и убавото време ќе дадат нов поттик за уште поблиски односи меѓу нашите земји,“ рече Мицкоски.
За споредба досега на меѓувладините конференции со други земји, како Црна Гора и Унгарија, практиката беше документите да се презентираат двојазично, на македонски и на јазикот на партнерската земја.
Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, кој оствари средба со косовскиот премиер Албин Курти, не се огласи за оваа тема, иако дипломатските кругови очекуваа реакција за почитување на јазичната рамноправност.
Овој потег од страна на Косово отвора прашања за односите меѓу двете држави и за меѓусебната почит кон културните и јазичните права, особено во контекст на регионалната соработка и добрососедските односи.
Извор: Racin.mk