22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Предвремените избори во Германија закажани за 23 февруари

Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ постигнаа договор за датумот за предвремени парламентарни избори, кои треба да се одржат на 23 февруари следната година, јавуваат германските агенции.

„Пратеничките групи на владејачките партии СПД, зелените и либералите, заедно со опозициската ЦДУ/ЦСУ, се договорија да се одржат предвремени избори на 23 февруари. Германскиот канцелар Олаф Шолц (СПД) планира да го постави прашањето за довербата во Бундестагот на 16 декември“, објавија германските медиуми повикувајќи се на извори блиски до раководството на партијата. Овој датум, 23 февруари, му е предложен на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој треба и официјално да го потврди.

Претходната среда канцеларот Шолц го разреши министерот за финансии, Кристијан Линднер (Либерално-демократската партија, ФДП), што доведе до колапс на неговата коалициска влада составена од СПД, зелените и ФДП. Со ова се отвори дискусија за можно гласање доверба на владата во Бундестагот и датум за предвремени избори.

Шолц првично најави дека ќе побара гласање за доверба во средината на јануари, што претставниците на демохристијанската опозиција го сметаа за предоцна барајќи тој да го постави прашањето порано.

Последните анкети спроведени по распадот на коалицијата покажуваат дека ЦДУ/ЦСУ би освоила најмногу гласови со 32 отсто поддршка, а Алтернативата за Германија (АфД) би добила 19 отсто од гласовите. СПД во моментот има поддршка од 15 отсто од гласачите, а зелените бележат 11 отсто./Извор:Makfax