Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави вчера вечерта дека силата и дипломатијата мора да одат заедно со цел да се стави крај на војната во Украина и да се осигура дека таков конфликт нема да се повтори во иднина.
„Нам ни е сосема јасно дека дипломатијата нема перспектива без сила“, рече Зеленски во видео обраќањето. „Но, без целосно разбирање на дипломатските цели, само оружјето нема да биде доволно. Затоа велам дека силата и дипломатијата мора да одат рака под рака“, рече претседателот на Украина.
Ова е единствениот начин да се обезбеди траен мир и да се спречи повторување на овој вид војна што Москва ја води против Киев, додаде тој.
Зеленски повторува дека Украина е отворена за „чесна“ дипломатија. Тој лобираше кај сојузниците на САД и НАТО да го вооружат Киев, а исто така побара од нив да го принудат рускиот претседател Владимир Путин да склучи мир.
Покрај тоа, Украина ги моли своите сојузници да и дозволат да користи западно оружје со долг дострел за да напаѓа длабоко во руска територија и да ја загрози воената инфраструктура на Москва.
Пораките на Зеленски за зајакнување на дипломатските напори доаѓаат откако републиканскиот кандидат Доналд Трамп го победи проукраинскиот демократски кандидат и актуелен потпретседател Камала Харис на претседателските избори.
Трамп за време на предизборната кампања постојано истакнуваше дека може да ја прекине војната во Украина за еден ден, но не објасни како./Извор:Makfax