14. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

По изборот на Трамп, Техеран се надева дека САД ќе ги преиспитаат погрешните пристапи од минатото

Иран, кој со децении има затегнати односи со САД, изрази надеж дека изборот на Доналд Трамп ќе му овозможи на Вашингтон „да ги преиспита погрешните пристапи од минатото“.

„Имаме многу горчливи искуства со политиките и пристапите на разните американски влади“, изјави портпаролот на иранската дипломатија, Есмаил Багај, пренесе официјалната агенција ИРНА.

Тој апелира до Вашингтон да ги преиспита погрешните пристапи од минатото.

Иранските медиуми денеска опширно известуваат за резултатите од претседателските избори во САД.

„САД се големиот сатана, кој и да е претседател“, пишува весникот „Кејхан“.

Владиниот весник „Иран“ наведува дека „иранската економија е погодена од притисоци, но дека сега ситуацијата е поинаква и дека Трамп повеќе нема да може да го изолира Иран и да ѝ наштети на економијата“ на земјата.

За време на неговиот прв мандат, Доналд Трамп одржуваше многу тензични односи со Техеран, анализираат медиумите.

Во мај 2018 година тој еднострано ги повлече САД од договорот за иранската нуклеарна програма и повторно воведе остри санкции кон Техеран и покрај договорот склучен со големите сили./Извор:Makfax