13. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: Да се укине ДДВ на храната, семејствата месечно ќе заштедат по 2.000 денари

СДСМ со измени на Закон бара укинување на стапката на ДДВ за храната, соопшти денеска претседателот на партијата Венко Филипче.

Според него, ваква мерка веќе била носена од Владите на СДСМ и давала реални резултати.

„Со изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност се предвидува укинување на ДДВ-то за прехранбените производи, односно од 5% на нула проценти ДДВ, за сите основни производи за човечка исхрана или. Ова се над 250 категории производи кои ќе бидат со нула проценти ДДВ.

Кој ќе биде реалниот ефект врз буџетот на граѓаните и цените од оваа мерка? Учеството на храната и пијалакот во потрошувачката кошничка е 23.000 денари. Со нула проценти ДДВ, заштедата на граѓаните месечно ќе биде од 1.200 до 2.000 денари. Што е најважно, за спроведувањето на Предлогот на законот не е потребно обезбедување на финансиски средства и оваа мерка нема да може да биде изиграна од трговците како што тоа се случи со мерките на Владата“ порача Филипче.

Истовремено, Филипче најави дека СДСМ повторно ќе поднесе предлог Закон за минимална плата со цел таа да се покачи на 27.700 денари или 450 евра и ги повика пратениците да дадат поддршка за овие законски решенија а ја прозва и Владата во делот на Законот за нефер трговски пракси.

„Бараме Владата да престане да тактизира со Законот за нефер трговски практики и веднаш да почне неговата примена. Овој закон опфаќа над 2.600 земјоделски производи кои се веќе дефинирани и готово применливо решение што го донесе Владата на СДСМ“ истакна лидерот на СДСМ.