5. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Делегацијата на Комисијата за европски прашања на 20. состанок на КОСАП

Дваесетиот состанок на Конференцијата на парламентарните комисии за европска интеграција/прашања на земјите вклучени во процесот за стабилизација и асоцијација на Југоисточна Европа (COSAP/КОСАП), на која учествуваа делегации на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Турција и Грузија, беше обележана со дискусија на следните теми: Политика за проширување на Европската Унија: Патот напред, како и регионалната соработка во Западен Балкан. Комисијата за евроинтеграции на Парламентот на Република Северна Македонија ја претставуваа членовите на Комисијата за европски прашања: Мимоза Муса и Митко Трајчулеска.

Во воведниот дел од конференцијата, на парламентарците им се обрати Ана Брнабиќ, претседателка на Народното собрание на Република Србија, потоа Тања Мишчевиќ, Министерка за европски интеграции на Република Србија, Н.Е. Емануел Џиауфрет, шеф на делегацијата на ЕУ во Република Србија, како и Елвира Ковац, претседателка на собраниската комисија за европски прашања на Република Србија. Во воведните излагања се истакна дека геостратешките и геополитичките интереси на Западен Балкан се јасно видливи во последниот период и изразија надеж дека ЕУ ќе го забрза процесот на интеграција на Западен Балкан.

На првиот панел, насловен како Политика за проширување на Европската унија: патот напред, панелисти беа: Ричард Хорцик, член и поранешен претседател на Комисијата за Европски прашања на унгарскиот парламент и Агњешка Помаска, претседател на Комисијата за европски прашања на Република Полска. Имено на овој панел парламентарците дискутираа за својата посветеност на процесот на асоцијација и пристапување во Европската Унија, при што го нагласија значењето на овој процес како механизам за засилување на реформите, обезбедување пазарна економија, владеење на правото и зачувување на регионалниот мир и стабилност, кои во исто време се услови за членство во ЕУ.

Пратеничката Мимоза Муса во своето обраќање ја потенцираше важноста на продолжување и забрзување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од регионот, при што укажа дека Унијата треба да ги има во предвид различните геополитички и геостратешки интереси, кои се испреплетени на Балканот и пошироко. Муса потсети дека за Северна Македонија нема поважен партнер од ЕУ и дека целта е преку поддршка на ЕУ да се развијат силни и независни институции, со владеењето на правото како составен елемент на напредокот во претпристапниот процес.

На вториот панел парламентарците разговараа на темата регионална соработка на Западен Балкан од економски, политички и европски аспект. Говорници на овој панел беа: Љупка Силјаноска, замник директор на Секретеријатот на Транспортната заедница и Марија Булат од регионалната канцеларија за младинска соработка. Парламентарците ја истакнаа важноста на улогата на парламентите во решавањето на заедничките предизвици во регионот и го истакнаа одржувањето на Конференцијата како важен дел од регионалната меѓупарламентарна соработка. Фокусот е ставен на важноста на регионалната соработка и користењето на фондовите за претпристапна поддршка на ЕУ. Исто така, беше посочено дека КОСАП Конференцијата е можност да се испрати јасна порака до ЕУ дека Западен Балкан е составен дел од Европа кој споделува заеднички вредности. Пратениците изразија очекување дека во наредниот период ЕУ ќе ги интензивира преговорите со земјите од Западен Балкан.

Членот на Комисијата за европски прашања Митко Трајчулески рече дека на регионот му треба долгорочен мир и економски просперитет и дека токму тоа го нуди Европската Унија, истакнувајќи дека новата геополитичка реалност ја нагласува важноста на проширувањето како геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и напредокот. Во својот настап, Трајчулески изрази поддршка за зајакнување на регионалната поврзаност и интеграција и продолжување на развивањето на проактивна соработка меѓу земјите од Западен Балкан.

На крајот на Конференцијата со консензус беше усвоена заедничка изјава во насока на понатамошна регионална соработка меѓу државите, прецизирајќи конкретните чекори и иницијативи за реализација на евроинтеграциските процеси. Со изјавата, се обврзаа да започнат структуриран дијалог, заедно со Европската комисија и земјите-членки на ЕУ, со цел спроведување на Планот за раст, на начин што ќе донесе индивидуални придобивки и ќе може да го стимулира регионалниот просперитет, како и социо-економско приближување кон ЕУ. На оваа конференција се постигна договор за формирање на работна група која ќе биде фокусирана на подобрување на Деловникот за работа на КОСАП .

Следниот состанок на КОСАП ќе се одржи во Тирана во првата половина на 2025 година.

фото Собрание