22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Кривична пријава против поранешни вработени во МВР за „злосторничко здружување“, „оддавање службена тајна“, ја користеле познатата SKY/ECC апликација

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за корупција, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против Д.Г.(58), Е.А.(58) и О.П.(44), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „оддавање службена тајна“, „попречување на правдата“ и „противправно стекнување и прикривање имот“. Пријавените Д.Г. и Е.А., во периодот кога биле вработени во Министерството за внатрешни работи, заедно со О.П., се приклучиле на организирана криминална група за која прибавувале, соопштување, пренесување или на друг начин овозможувале достапност на податоци што претставуваат службена тајна. Во периодот од декември 2019 година до март 2021 година, знаејќи за постоење на интерес на поголем број на личности за добивање на вакви податоци и службени информации за актуелни криминалистички истражувања, планирани мерки и активности за лишување од слобода, со посебен акцент за податоци дали и против кои личности и од кои причини се спроведуваат оперативни и истражни дејствија, како и дека таквите податоци и информации можат да се прибават со давање на парични награди, се поврзале со оваа криминална група во која имале посебна улога за пренесување службени информации, поврзани со организирани криминални групи инволвирани во извршување на криминални активности од повеќе области, особено на тешки кривични дела, од кои за некои е предвидена и казна доживотен затвор. Имено, Бирото за јавна безбедност при МВР во координација со јавен обвинител од ОЈО ГОКК, од октомври 2023 година до јануари 2024 година спроведуваше истрага за македонски државјани, кои како членови на меѓународна криминална група, користејќи ја енкриптираната SKY/ECC апликација договарале и преземале активности за организирање на набавка и пренесување на кокаин од земјите на Јужна Америка до земјите на ЕУ и РС Македонија и учествувале во извршување на други кривични дела, а која заврши со кривична пријава против 16 лица. По поднесување на кривичната пријава, Одделот за криминалистичка полиција продолжи со анализа на податоците добиени од Еуропол и Еуроџаст и во координација со јавен обвинител од ОЈО ГОКК обезбедени се докази врз основа на кои е дојдено до сознание дека пријавените ги сториле делата.

Начинот на кој пријавените ги извршувале делата предизвикало штета врз работењето на државните органи во постапките за кривичен прогон на лица, кои се од значење за јавната безбедност, безбедносните и разузнавачките активности на органите, како и прибирање и пренесување на информации кои не се наменети за јавна употреба, а со чие откривање се намалила ефикасноста на работењето на државните органи. На 03.11.2024, по преземени оперативно – тактички мерки и активности, како и врз основа на наредби од Основен кривичен суд Скопје, извршен е претрес во домовите на лицата, при што се пронајдени и одземени повеќе мобилни телефони, лап – топ компјутер и разновидна документација. Лицата се лишени од слобода.