13. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Георгиевски со предлог до власта и опозицијата: Да утврдиме брзо уште десетина споделени личности и настани со Бугарија и да престане зависноста од историските комисии

„Наместо да се преговара години и ние да бидеме зависни на некој начин од таа историска комисија јас би предложил целиот проблем да се реши веднаш за 2-3 месеци и ние таа неизвесност со таа историска комисија да ја решиме еднаш засекогаш. Како? Досега се утврдија 5 општи личности меѓу македонската и бугарската историографија. Треба да се седне набрзина да се утврдат уште 10, 11, 12 такви места или настани што ќе бидат нели утврдени“ рече поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во емисијата „Трилинг“.

Тој додаде дека треба да се донесе заклучок во кој Македонија ќе се обврзи со јасни критериуми секоја книга која се објавува во Македонија да биде објавена со оригинална содржина, за да не се дозволи креирање на фалсификати.

„Ние имаме тешки фалсификати во објавувањето на книгите, е сега може да се правиме луди дека не е тоа така меѓутоа тоа е фактичка состојба која мораме да си ја признаеме“ рече Георгиевски.

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Бугарија исто така инсистира и на формирање комисија за да се истражат жртвите на анти-бугарската политика во поранешна Југославија.

„Не можам да сфатам што е проблемот ако Македонија направи комисија. Прво, ќе добиеме аргумент на наша страна затоа што бугарската официјална политика зборува за 23.000 жртви, некогаш 30.000 а има историчари кои зборуваат за 100.000 жртви. Таа бројка не е таква, таа бројка е драстично помала меѓутоа и да се неколку илјади, што е проблем ние во Македонија да кажеме – еве ја комисијата, кога ќе утврди дека после 45-та година луѓе се затворани, малтретирани, па дури и убивани затоа што имале бугарска самосвест во Македонија“ рече Георгиевски.