23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ бара оставка од Божиновска и најавува иницијатива за фунционер да може да има само македонско државјанство

Одговор на новинарско прашање, Богданка Кузеска- портпаролка на СДСМ:

Сања Божиновска, која што е вмешана во бројни скандали, продолжува да ја лаже јавноста. Денеска прашуваме: Како можеше Божиновска да го излаже народот за своето бугарско државјанство? И што вистински се крие зад нејзините мотиви за негово добивање?

Јавно беше објавен документот со кој таа самата потврдува бугарска самосвест, и тој документ носи нејзин личен потпис. Ова ја разобличува нејзината лага дека „адвокати и ја потпишале изјавата“.

Дополнително, нејзиното тврдење дека бугарско државјанство добила за економски причини е далеку од вистината. Бугарија не беше членка на ЕУ во 2004 година, кога Божиновска го добила државјанството. Економските можности во Бугарија беа послаби од оние во Македонија во тоа време. Ако економски причини не се причината, тогаш прашањето е: кои се вистинските мотиви? Дали навистина има бугарски национални чувства кои ја мотивирале на ваков чекор?

Додека Мицкоски тврди дека се бори против вклучувањето на Бугарите во уставот, тој очигледно нема проблем со државни функционери кои поседуваат бугарско државјанство во најтесното опкружување на Владата. Ова е лицемерие на највисоко ниво кое ги погодува сите граѓани и отвора многу прашања. Колку уште лица во тесното владино опкружување имаат двојно државјанство, и дали тие служат на интересите на Македонија или на странски интереси?

Затоа, СДСМ ќе поднесе иницијатива за законски измени со кои ќе се постави јасен и конкретен услов – премиер, вицепремиери, министри и пратеници во Република Северна Македонија да можат да бидат лица кои поседуваат само македонско државјанство.

Бидејќи Мицкоски вели дека имало поголеми Македонци и помали а Божиновска била најголема Македонка, тие измени ќе бараме да важат веднаш, од актуелниот состав.
Нашите институции мора да ги водат луѓе кои имаат само една држава, и лојалност кон само една држава, кон Република Северна Македонија. Време е оваа Влада да покаже дали сака вистински патриотизам или ќе се служи со лажниот и понатаму.

Нашиот став е јасен: политичарите мора да бидат лојални на народот, на државата и на иднината на оваа земја. Затоа, бараме веднаш Божиновска да поднесе оставка и повикуваме сите граѓани да ја поддржат оваа иницијатива за да осигураме дека само луѓе кои искрено стојат зад државата ќе можат да ја водат државата.