25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Ким Џонг-ун: Го тестиравме најмоќното стратешко оружје во светот, тоа е предупредување

Северна Кореја соопшти дека тестирала интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ), „најмоќното стратешко оружје во светот“, а Сеул предупреди дека Пјонгјанг може да добие ракетна технологија од Русија за да помогне во нејзината војна во Украина. Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун беше присутен на лансирањето на ракетата и рече дека тестот е предупредување за непријателите кои ја загрозуваат безбедноста на земјата, објави државната новинска агенција КЦНА.

„Пробното лансирање е соодветна воена акција, која целосно ја исполнува целта за информирање на ривалите, кои неодамна намерно ја ескалираа регионалната ситуација и претставуваат закана за безбедноста на нашата земја, за нашата подготвеност да дејствуваме“, рече Ким, цитиран од КЦНА.

Покажувањето мускули доаѓа во време на меѓународна осуда поради, како што вели Западот, распоредувањето 11.000 севернокорејски војници во Русија – 3.000 од нив во близина на украинскиот фронт. Лансирањето наиде на осуда од Јужна Кореја, Јапонија и САД.

Еден ден претходно, Сеул објави индиции дека Северот би можел да тестира ICBM или да изврши седма нуклеарна проба околу претседателските избори во САД во вторникот сакајќи да го привлече вниманието на својата растечка воена моќ.

Шин Сеунг-ки, шеф на севернокорејското воено истражување во државниот Корејски институт за одбранбени анализи, рече дека лансирањето,најверојатно, ќе ги тестира подобрените перформанси на постојниот ICBM – веројатно со помош на Русија. „Северна Кореја ќе сака да продолжи да добива ваков вид помош бидејќи заштедува време и трошоци, а истовремено ги подобрува перформансите и ја унапредува стабилноста на својот систем за оружје“, рече тој.

Кога се најде под притисок поради нејзиниот ангажман со Русија, „намерата на Северна Кореја можеби е да покаже дека нема да потклекне под притисок, дека ќе одговори на сила со сила, а исто така ќе бара одредено влијание врз претседателските избори во САД“, додаде Шин.

Лансирањето што се случи утрово е најдолгото тестирање на севернокорејската балистичка ракета со времетраење од 87 минути, според јужнокорејските експерти. КЦНА соопшти дека тестот поставил нови рекорди за ракетните способности на Северна Кореја.

Ракетата била лансирана од област во близина на главниот град Пјонгјанг и паднала во морето на приближно 200 километри западно од јапонскиот остров Окушири кај Хокаидо. Прелетала растојание од 1.000 километри, објави јапонската влада./Извор:Makfax