Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, вчера изјави дека секогаш е добро да се слуша гласот на вистината за Косово во Обединетите нации, но дека не очекува големи заклучоци од денешната седница на Советот за безбедност на ОН со оглед на поларизирани ставови на земјит -членки кога станува збор за Косово. Вучевиќ рече дека е сигурен оти секоја дискусија за Косово во Советот за безбедност на ОН ќе доведе до јасна поларизација кон земјите што го признаваат Косово и оние што го признаваат суверенитетот на Србија во согласност со меѓународното јавно право и Повелбата на ОН.
„Оние што мислат дека Косово е независно, веројатно, ќе ги величаат или оправдуваат постапките на Курти и Приштина. Оние што го почитуваат меѓународното јавно право ќе укажат на кршењето на основните човекови права и слободи, што, за жал, секојдневно се случува врз Србите и врз неалбанското население на територијата на Косово“, изјави Вучевиќ, пренесе „Танјуг“.
Вучевиќ рече дека „Отворен Балкан“ е добра иницијатива, но дека е пропуштена можноста да му се приклучат и Црна Гора и Босна и Херцеговина и на тој начин да го завршат проектот. „Тоа би било идеално и тогаш ќе ја добиеме полната слика на овој простор и ќе ѝ покажеме на Европа, но пред сè на нас самите, дека можеме да соработуваме. А не дека постојано се обвинуваме за нешто, затоа прифатете ме, но не прифаќајте ги во ЕУ“, рече Вучевиќ и додаде дека се добива впечаток дека „Отворен Балкан“ во моментот не е на дневен ред на соседните земји. На прашањето дали „Отворен Балкан“ е сè уште жив и потребен по Берлинскиот процес, Вучевиќ рече дека оваа иницијатива е жива во смисла дека се почитуваат постигнатите договори, но дека му се чини оти Албанија веќе не е заинтересирана за тој процес. Тој потсети на изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама, дека процесот „Отворен Балкан“ е завршен и дека ја исполнил својата мисија.
„Очекуваме поблиско определување на новата Влада на Северна Македонија во однос на ова прашање, но премиерот Мицкоски не ја отвори оваа тема кога бев во Скопје. Очигледно е дека тоа не е на ничија агенда“, рече Вучевиќ. Тој додаде дека Германија се обидува да му даде нова сила и енергија на Берлинскиот процес и дополнително да го заживее во заднина на 10-годишнината и посочи дека не е важно како се вика иницијативата ако води кон мир и стабилност во регионот. Тој нагласи дека нема успех за одделни земји доколку целиот Западен Балкан не влезе во Европската Унија и дека без Србија како најголема земја во регионот, приказната за ЕУ нема да биде целосна.
Тој посочи дека треба да се води дијалог за договори за полесно движење луѓе, стоки и капитал и како граѓаните што помалку да се задржуваат на границите. „Да направиме навистина unstop shop на граница, а најдоброто нешто е да нема застој. И, пред сè, за товарниот сообраќај, камионите треба да доцнат што е можно помалку. Ова е важно за економијата на сите земји во оваа област“, нагласи Вучевиќ./Извор:Makfax