23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото: Кабинет на Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини
.МАКЕДОНИЈА

Министерката Сања Божиновска на настанот на делегацијата за престојниот СОР 29 во Баку, Азербејџан

Во пресрет на 29. климатски самит на Обединетите нации (ОН) кој ќе се одржи во Баку, Република Азербејџан, во Скопје се одржа настан на кој македонската делегација која ќе присуствува на самитот ги престави целите и очекувањата од претстојниот COP29.

На самитот ќе присуствува и Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска како дел од македонска делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Во своето обраќање Божиновска истакна дека Северна Македонија има амбициозен план за брза зелена транзиција, и очекува поддршка од меѓународните партнери.

„Транзицијата кон ниско-јаглеродна економија во нашата земја е веќе започната и наша цел е земјата да се позиционира како регионален лидер во одржливиот развој и гржата за животната средина. Имаме предвидено силен план за постепено затворање на електраните на јаглен и поголемо искористување на обновливите извори за производство на електрична енергија. Во моментов имаме 700MW капацитети што произведуваат струја од сонце, со што се изедначи капацитетот на централи кои користат сонце со оној кој го имаме во хидроцентралите. Оваа бројка многу скоро и ќе се дуплира со оглед на најавите за изградба на нови капацитети. Се проценува дека транзицјата ќе ја чини нашата земја 3 милијарди евра до 2030 година. Најголем дел од средствата ќе дојдат преку инвестиции од приватниот сектор, но на државата останува обврска да изгради потребна инфраструктура и базни капацитети кои ќе овозможат напуштање на јагленот како гориво.“, истакна Божиновска.

Во фокусот на овогодинешниот самит е обезбедување транспарентност и значајни финансиски средства кои ќе ги претворат амбициите во конкретна акција, Божиновска очекува подршка од меѓународните партнери за реализација на амбициозните планови за зелена транзиција на нашата земја.

„Веќе имаме позитивни сигнали. Имаме поддршка од климатскиот инвестициски фонд кој го одобри инвестицискиот план на нашата земја за забрзана транзиција од јаглен, со што добивме пристап до 85 милиони американски долари од фондот, на што се надоврзаа и ЕБОР и Светската банка со вкупна поддршка од речиси 470 милиони американски долари. Средства кој ќе се искористат за проекти за изградба на обновливи извори на енергија, како и модернизација на постојната инфраструктура. Очекуваме и други извори на финансирање и поддршка од меѓународните партнери.“ вели Божиновска.

Конференција на страните за климатски промени (COP) започна во 1995 година и оттогаш служи како клучна платформа за преговарање за меѓународните климатски политики, унапредување на климатските активности и поттикнување на глобалната соработка за да се постигне одржлива и издржлива иднина.

фото: Кабинет на Министерката за енергетика,
рударство и минерални суровини