22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Секое семејство ќе има повеќе пари со покачување на минималната плата

СДСМ ги повикува премиерот Мицкоски и Владата да го прифатат предлогот за зголемување на минималната плата на 450 евра, што ќе значи значителна поддршка за сите граѓани. „Секое семејство ќе има повеќе пари,“ истакнуваат од СДСМ, нагласувајќи дека ова не е само политичко барање, туку вистинска потреба за подобар животен стандард во време на растечки цени.

„На едно четиричлено семејство му се потребни 61.249 денари за да си ги покрие основните потреби во месецот,“ велат од СДСМ, посочувајќи дека сегашните приходи на семејствата не можат да ги покријат основните трошоци, особено со „падот на просечната плата за 1.000 денари откако е Мицкоски премиер.“

СДСМ потенцира дека оваа мерка ќе обезбеди финансиска стабилност за многу домаќинства, зголемување на куповната моќ и позитивен ефект врз економијата. „Ова е решение кое ќе донесе бенефит за сите работници и оние кои земаат минимална плата, но ќе се покачи и просечната плата. Секое семејство ќе има повеќе пари,“ посочуваат од СДСМ.

„Додека граѓаните живеат сè полошо, Владата одбива да ја покачи минималната плата на 450 евра. Со потсмев им вели на граѓаните да почекаат и ќе биле задоволни. Чекаат работниците за плати, чекаат граѓаните за ефективни мерки за намалување на цените,“ велат од СДСМ.

СДСМ истакнува дека секое одложување на оваа мерка е само продолжување на сиромаштијата. „Наместо да манипулира со лажни кампањи, Мицкоски треба да се охрабри да ги продолжи добрите политики на СДСМ. Јасно е дека нема економски концепт, јасно е дека со неговоите политики сите осиромашуваат,“ додаваат од СДСМ, повикувајќи на веднаш прифаќање на предлогот за зголемување на минималната плата на 450 евра.

СДСМ е подготвена да поддржи сите мерки што ќе обезбедат стабилност и пристоен животен стандард за граѓаните, а зголемувањето на минималната плата е првиот и најитен чекор кон тоа.