22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

Не е повеќе ништо смешно

Пишува Ненад Јовановиќ:

Ако сега се потрудам да ја опишам состојбата на духови (и јавни работи) во земјата, тешко дека ќе најдам попрецизен збор од овој: дезориентација. Некако имаш впечаток дека ретко кој личи на себе овие денови, барем на оние луѓе кои ги паметиме по добро.

Ги гледаш, ги слушаш, ги читаш тие истакнати граѓани & граѓанки и никако не ти влегува во глава дека навистина се тие, или после си велиш да не’ случајно некој им го украл „идентитетот“, не оној колективен, ами оној личен?

За волја на вистината, не личат на себе ниту оние кои ги паметиме по зло, или барем видливо се трудат да не личат на себе, или нешто е друго посреде, навистина не можам да разберам. А најдобро денес, по се’ изгледа, е да се правиш мутав. Иако гледаш дека таа ултра националистичка земја е трокирана, а богами трокирана е и онаа земја за која „тепавме“ дека е „граѓанска“ и „еманципирана“.

Погледајте што и’ како денес се пишува, објаснува и артикулира: се’ е бесно, лудо, пореметено; да не речам се’ денес е извадено од ментеши, а можеби и сите лутаме низ македонските кафани, улици и сокаци како зомби, без јасно вредносно и идејно упрориште. На кому не му е гадно, нека гледа во тоа, има и на што да се чуди. Јас гледам, не дека не гледам, ама не ми е мило, а богами и добро паметам, паметам како слон, и знам што беше до вчера, знам што ќе биде во месеците и години кои ни следат.

Ви рековме дека нема да бидат проевропски настроени. Ви рековме дека ќе ги исполнуваат личните хирови на еден човек. Од највисоко до најниско ниво на државната администрација. И’ ќе лажат цело време, секаде и на секое место. Оние кои се десно, а богами и оние кои до вчера беа на страната на демократијата, „прогресот“, мирот и стабилноста, и тие ќе тргнат в десно.

Е, нашата работа е во тоа да ги спречиме.

Ако знаеме, ако можеме (а можевме, се имаше и кога!), само ако не бидеме мрзеливи, резигнирани и не велиме дека „сите се исти“, бидејќи не се сите исти. Едни се за демократија и владеење на право, слобода за сите нејзини граѓани, а оние другите се за чиста и сувопарна тиранија. А тиранија се јавува од конфузија, бахатос, „само се шегувавме, немој да си така сериозен“. Да, драги пријатели, така настанува тиранија, преку наративите „сите се исти“ и „само се шегувавме, немој да си така сериозен“. Од ваквиот супститут настанува тиранијата, затоа што е персонализирана, лична и арбитрарна.

Ајде да конкретизираме.

Пред два дена, претседателката Силјановска помилува опасни криминалци кои се членови на организирани криминални групи осудени за насилство и обид за убиство, познати по тоа што направиле сериозни кривични дела, вклучувајќи трговија со дрога, вооружени инциденти и криминал. Притоа, овие нејзини „помилувања“ прават ризик по општата безбедносна состојба на нашите граѓани.

Да биде апсурдот поголем, нејзината одбрана за овие помилувања ги аргументираше прилично блентаво и конфузно, велејќи дека „јас не знам ништо за криминалците, ама имам доверба во комисијата која јас ја предложив“. Значи таа како врховен командант нема појма за профилот на криминалците, ама за тоа ќе одлучела некаква си комисија која, внимавајте добро, „само го дава своето мислење“. А Силијановска на „комисиско мислење“ треба да стави потпис?

После некое време, криминалецот што е помилуван, уште истиот ден (или ден потоа?) е вратен в затвор. Очигледно се исцртуваат две работи: 1.) или претседателката Силјановска не разбира на која функција се наоѓа и што е описот и пописот на нејзините надлежности, и(ли) 2.) во Владата на Мицкоски има голема конфузија, дезориентација и несинхронизираност во владините служби.

Силјановска ослободува и помилува озбилни криминалци кои се дел од политички кланови кои може да ја доведат безбедноста на граѓаните под знак прашање. Ги погледав од медиумите „портфолијата“ на останатите осуденици. Класични криминалци, опаки типови. А ако вака се бори владата против организираниот криминал и корупција, тогаш овде нешто навистина не само што е опасно, конуфузно, туку е сериозно пореметено.

Мицкоски беше тој што во кампањата велеше дека ќе се борел жестоко против криминалот и корупцијата, а денес гледаме дека неговиот владин брод наголемо испушта вода, а таа вода не од некои безначајни чиновници, туку доаѓа од нашиот претседетел на државата и врховен командат на армијата.

Или може Силјановска не ја разбира својата одговорност? Можеби таа е тука да се слика, да ги поддржува празниците на партија на власт, да „игра како во диско“ и само се смешка? Ако така ја разбрала својата позиција, тогаш, драги пријатели, ние овде имаме навистина голем проблем.

И не се работи за „некој претседател“ со кој ние не се согласуваме вредносно или идеолошки. Јок, море! Не се работи за тоа. Едноставно речено, претседателот на оваа држава во основа не знае што зборува. Не во смисла на „неприсебност“ (ма, може и за тоа да разговараме!), туку во смисла на комплетна бескапацитетност, некомпетенција за било каква јавна функција која бара од неа некаква претседателска терминологија, разбирање на сложеноста на нејзината позиција во системот.

Јас мислам дека благословен е денот кога претседателката Силјановска нема да изјави ништо или потпише ништо. Оти штом отвори уста и’ се насочи во некоја акција, прашање е часови кога од таквиот гест ќе настанат големи бељи по државата и најважно –  граѓаните. Што знам, оваа наша претседателка му доаѓа нешто како „Ѓорѓе Иванов во женска сукња“? И тој кутриот не се прослави многу, освен по „разумниот компромис“ и апсолутната несмасност за водење на така важна и силна функција.

Претседател на држава не е невжана функција, ама ваков профил на „персони драматис“ (кои ги опишав погоре) таа функција ја направија неважна. А неважна е затоа што зборуваат незамисливи работи за еден претседател на држава. Ај што зборуваат, ами и прават незамисливи работи кои се недостојни за претседател на држави за 21.-от век.

А понекогаш и си мислам, помалку разочарано и депресивно, во оваа земја треба да има слики и портрети на Силјановска во сечиј дом, како оние на Ким Ил Сунг од Северна Кореја. Чисто колку да не потсетуваат, не на неа, ами на нас самите, и на нашата сопствена (не)одговорност.

Познавам луѓе кои Силјановска би ја инсталирале и во својата спална соба. По можност во природна големина.

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.