Добро е да се слушне дека сте толку посветени на вашиот пристапен пат кон ЕУ. Северна Македонија постигна многу и покажавте одлучност во преземањето секој чекор. Сакам да ја пофалам Севрна Македонија и да им одадам почит на луѓето. Сега работата навистина мора да продолжи, сакам да му оддадам почит и на фактот дека сте сто проценти усогласени со нашата надворешна и безбедносна политика и да ви се заблагодарам за поддршката за Украина, истакна претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.
„Имаме јасна цел, а тоа е да се отвори кластерот фундаментални вредности што е можно побргу. Речиси сме таму, треба да поминат уставните промени, кои вашата држава се согласи дека ќе ги направи, и со заеднички дијалог се надевам дека сите политички сили ќе се здружат во земјата и ќе ги преземат потребните одлучни чекори за напредок и уверена сум дека можеме да ги надминеме пречките што постојат,“ рече таа.
Го увери премиерот дека проширувањето ќе остане врвен приоритет за ЕК во следните пет години.
Зборувајќи за планот за раст за Западен Балкан, Фон дер Лајен истакна дека тоа е заеднички патоказ за да се интегрираат економиите, а вратата на единствениот европски пазар, како што рече, е отворена за одредени компании од Северна Македонија. За возврат, како што порача, ние треба да спроведеме важни реформи за да има изедначено поле за игра, а тоа ќе биде придружено, како што нагласи, со дополнителни инвестиции од ЕУ во Северна Македонија.
„Северна Македонија заврши навистина добра работа, имаме одлични реформи и треба да добиете повеќе од 750 милиони евра според планот за раст. Младите луѓе никогаш нема да ни простат ако не одговориме на предизвикот. Треба да направиме Северна Македонија да биде дел од ЕУ“, нагласи Фон дер Лајен./Извор:Makfax