Едно лице почина, а десетици се разболеа од труење со храна поврзано со плескавиците од Мекдоналдс „Квартер Паундер“ во неколку американски држави, соопштија федералните здравствени власти. Утврдено е дека хамбургерите на Мекдоналдс се поврзани со појава на ешерихија коли.
Избувнувањето, кое започна во септември, се прошири во 10 западни држави со најмалку 49 пријавени инфекции, соопшти американскиот Центар за контрола на болести (ЦДЦ).
„Епидемиолошките податоци покажуваат дека хамбургерите „Квартер Паундер“ кои се служат во Мекдоналдс се контаминирани со ешерихија коли и предизвикуваат гадење“, велат од ЦДЦ.
Најголем број случаи се концентрирани во Колорадо и Небраска. Други држави со случаи вклучуваат Ајова, Канзас, Мисури, Монтана, Орегон, Јута, Висконсин и Вајоминг. Според ЦДЦ, 10 лица биле хоспитализирани — вклучително и едно дете со сериозни бубрежни компликации.
Сите интервјуирани луѓе за инфекциите рекоа дека јаделе во Мекдоналдс пред да се разболат. Повеќето од нив спомнаа јадење на популарниот хамбургер „Квартер Паундер“, соопшти ЦДЦ.
Бактерискиот вид за кој станува збор, Escherichia coli O157:H7, може да предизвика сериозни болести. Тоа беше и извор на епидемија во 1993 година кога четири деца починаа откако јадеа недоволно варени хамбургери во рестораните „Џек ин д Бокс“.
„Првичните информации од Администрацијата за храна и лекови (ФДА) укажуваат дека кромидот може да биде изворот на оваа епидемија. Истражителите од сите агенции работат брзо за да ја идентификуваат контаминираната состојка“, соопшти ЦДЦ.
Акциите на Мекдоналдс паднаа за повеќе од 6 отсто во продолженото тргување, откако најголемиот синџир на храна во светот беше поврзан со појава на ешерихија коли.
„Безбедноста на храната е многу важна за мене и за сите во Мекдоналдс“, изјави извршниот директор на Мекдоналдс во САД, Џо Ерлингер.
Компанијата ја прекина дистрибуцијата на сецкан кромид и привремено го отстрани „Квартер Паундер“ од менито во погодените региони. Покрај тоа, „Квартер Паундер“ исто така, привремено е отстранет од менито во делови на Ајдахо, Невада, Ново Мексико и Оклахома.
„Презедовме чекори за проактивно отстранување на исечениот кромид, кој се користи во Quarter Pounders во одредени држави“, рече Ерлингер.
„Исто така, донесовме одлука привремено да го отстраниме „Квартер Паундер“ од рестораните во одредени држави“, додаде тој./Извор:Makfax