22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Американскиот министер за одбрана: Ако Украина падне, тоа значи пад на Европа

Aко Русија победи во Украина, самата Европа ќе се соочи со колапс, изјави американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, во недамнешниот говор на Дипломатската академија во Киев.

„Ако Украина падне под чизмата на Путин, цела Европа ќе пропадне под притисокот на Путин“, рече Остин, кој завчера пристигна во Киев.

„Путин не само што ги крши нормите на меѓународниот систем, кои сојузниците ги изградија по толку голема цена по Втората светска војна. Тој не турка сите кон светска војна, каде што моќта е поважна од правата, каде што империите триумфираат над националниот суверенитет“, додаде тој.

Путин сака да докаже дека неговата автократија може да ја надмине глобалната демократија, рече Остин и додаде: „Путин не само што верува дека неговата волја е посилна. Тој мисли дека неговиот систем е подобар“.

Остин потоа зборуваше за исклучителната цена што ја плаќа украинскиот народ за, како што рече, да постигне праведен мир. „Да, има цена што треба да се плати за човековата слобода“, додаде Остин. „Но, тоа е мала цена во споредба со она што сите ќе го платиме ако дозволиме агресијата да продолжи неконтролирано“, заклучи американскиот министер за одбрана.

За време на работната посета на Киев, Остин најави нова помош за Украина во оружје во вредност од 400 милиони долари. Најавата за нова воена помош за Киев доаѓа во пресрет на американските претседателски избори за две недели, на 5 ноември.

Фокусот на посетата на Остин на Украина, негова четврта и веројатно последна како шеф на Пентагон во администрацијата на Џо Бајден, беше ставен на американските напори за зајакнување на одбранбените капацитети на Киев, кој се соочува со руски напредок на бојното поле во источна Украина.

Но, и покрај солидарноста со Киев, не се очекува промена во политиката на САД во однос на се погласните барања на претседателот Володимир Зеленски да и дозволи на неговата земја да користи оружје кое би било насочено длабоко во руска територија.

„САД разбираат што е тука во прашање“, му рече Остин на Зеленски, најавувајќи нова помош во муниција, оклопни возила и противтенковско оружје.

На претстојните избори во САД, републиканскиот кандидат Доналд Трамп, кој покажа неподготвеност и претпазливост кон континуираната поддршка за Украина, ќе се соочи со демократската кандидатка Камала Харис.

Но, Остин ја отфрла загриженоста дека Трамп може да се откаже од поддршката за Киев. „Овие две и пол години не видов ништо освен двопартиска поддршка за Украина и очекувам дека ќе продолжиме да ја гледаме во Конгресот“, рече Остин.

Остин дојде во Киев по серијата средби што американскиот претседател Џо Бајден ги имаше во Берлин со клучните европски партнери, изјави шефот на кабинетот на украинскиот претседател Серхи Лешченко./Извор:Makfax