11. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Честитка од претседателката Сиљановска Давкова по повод 11 Октомври – Денот на народното востание

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

„На денешен ден со гордост и чест им оддаваме заслужена почит на македонските партизани кои во 1941 година се кренаа на востание и ја започнаа народноослободителната борба.

11 Октомври е меѓникот што ја одреди нашата сегашност и иднина, денот кога ние храбро и одлучно се вклучивме во антифашистичката коалиција на слободољубиви и правдољубиви народи, со што ја избравме вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото, цврсто решени да ги победиме окупаторите и да се избориме за слободна национална држава“, се вели во честитката.

„Благодарни на хероите за нивната натчовечка жртва, имаме одговорност кон нив, но и кон нашите деца и внуци да продолжиме да ја градиме македонската држава согласно идеалите што ни ги оставија во аманет, оти чувањето на татковината е важно колку и чинот на нејзиното ослободување.

Секоја генерација се соочува со нови предизвици. Изминативе 33 години ние се боревме за признавање на независноста и добивање заслужено место во европското семејство и во меѓународните организации, за зачувување на мирот и градење демократија.

Борбата за нашите правдини, но и за правна држава, продолжува.

Да ве потсетам: нашите предци се сплотија и заедно го постигнаа она што не можеа да го остварат засебно – слободна македонска држава.

Ве повикувам да ги надминеме меѓусебните делби и да се обединиме во заедничката борба за просперитетна европска држава и за праведно македонско општество.

Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на Народното востание!“, кажа претседателката Сиљановска Давкова./Извор:Makfax